Македонија 27. февруари 2020. / 21:09

Димитров: Вишеградската група ја реафирмира неопходноста од почнување на преговорите со ЕУ

Димитров: Вишеградската група ја реафирмира неопходноста од почнување на преговорите со ЕУ

Поддршката на европската интеграција и регионалната соработка на земјите од Западен Балкан беа во фокусот на дебатата на состанокот на шефовите на дипломатиите од земјите од Вишеградската група (V4) и од земјите од Западен Балкан (WB6) што се одржа денеска во Прага на кој учествуваше и министерот за надворешни работи Никола Димитров. На состанокот присуствуваа и комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархелји, министрите за надворешни работи на Хрватска, Словенија и претставник од Австрија.

Како што соопшти МНР, министрите за надворешни работи присутни на состанокот уште еднаш ја потврдиле неопходноста од почнување на преговорите со Македонија и Албанија и упатиле порака за донесување позитивна одлука во најскоро време.

Димитров по завршувањето на пленарната сесија, дал изјава за медиумите во името на земјите од Западен Балкан, на заедничката прес-конференција со домаќинот колегата Петричек и еврокомесарот Вархелји.

Зборувам во името на шесте земји од Западниот Балкан, географски блиски и опкружени со ЕУ земји-членки. Благодарност до Чешкото претседателство на Вишеградската група за одржување на политиката на проширување, т.е. комплетирање високо на агендата и за овој состанок со навистина одличен тајминг. Овој собир е знак за заедништво – без Западен Балкан не може да биде возможна целосна, просперитетна, стабилна и безбедна Европа. Постојат разлики меѓу земјите, но едно е исто – споделуваме заедничка европска иднина. Заедништвото е очигледно во оваа значајна историска мисија – изјавил Димитров.

На маргините на состанокот бил потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Меѓународниот фонд на Вишеград и Фондот за Западен Балкан, што претставува уште една потврда за заложбата на земјите од Вишеградската група за поддршка на нашиот регион.

Министерот Димитров, на маргините на состанокот, остварил и билатерална средба со МНР на Словачка, Мирослав Лајчак. Притоа словачкиот министер ја нагласил недвосмислената поддршка за корегирање на испуштеното во октомври.

Вишеградската група е меѓу поддржувачите на ЕУ перспективата на земјите од Западен Балкан. Република Чешка претседава со Вишеградската група од 1 јули 2019 година.