Напредокот во преговорите со Грција ќе биде главна тема на денешниот појадок во пресрет на најавениот Совет на министрите за надворешни работи во Брисел на кој ќе учествува и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Како што јавува МИА повикувајќи се на добро упатени дипломатски извори, Димитров од министрите ќе побара Брисел да го препознае историскиот момент за Македонија и регионот, односно доколку Македонија постигне договор со Грција на земјата да и се даде охрабрување на јунскиот самит со прецизен датум за старт на преговорите.
Дипломатската офанзива која прерасна во мисија за убедување на земјите кои имаат резерви кон напредокот на Македонија и нејзиниот капацитет да ги исполни условите за старт на преговорите стартуваше откако во јавноста протече неформален документ со кој одредени земји ставаат рампа на пристапниот процес за Македонија констатирајќи дека во земјава не се спроведуваат реформи, јавната администрација дополнително се политизира а државата нема капацитет да се справи со криминалот и корупцијата.
Иако беше најавена, средбата меѓу Димитров и неговиот грчки колега, Никос Коѕијас во Брисел, како продолжение на њујоршката рунда преговори официјално се уште не е потврдена. Според агендата на грчкиот министер за надворешни, за тоа нема да има многу време со оглед на информацијата дека веднаш по министерскиот совет Коѕијас патува за Германија каде треба да оствари средба со германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер.
Димитров вчера во Брисел имаше и тет а тет средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини но детали се уште не се соопштуваат