Кандидатот за пратеник и носител на листа на СДСМ во ИЕ1, Никола Димитров денеска ја повика неговата ривалка, Гордана Сиљановска Давкова, која е носител на ВМРО-ДПМНЕ во истата изборна единица, да и појасни на јавноста дали се залага за поништување на Преспанскиот договор.
Слушнавме во текот на викендот дека Гордана Силјановска ќе барала да се поништи Преспанскиот договор. Договор што го поддржаа речиси 610.000 македонски граѓани на рефередумот, што за да биде успешен не ни фалеа гласови за, туку против. Договор што го поддржаа две третини од пратениците во Собранието, што не зачлени во НАТО и ни ги отвори вратите за членство во ЕУ, изјави денеска пред паркот „Жена борец“ Димитров.
Димитров запраша дали тоа значи дека Силјаноска се залага да го поништиме Договорот што е гарант на македонската иднина, дека се залага да го симнеме знамето на НАТО од пред Собранието, да заборавиме на ЕУ и оти повеќе сакаме преплатени споменици и да ни се обраќаат со Поранешна југословенска Република Македонија.
Дали вие г-ѓа Силјаноска сте подготвена за последиците од ваквиот чекор. Дали сте вие воопшто сериозни. Во слепиот занос за власт ќе рушите историски чекори што воопшто не ги разбирате. Со каква тоа неподнослива леснотија се дрзнувате да се расфрлате со вакви закани по македонската иднина. Зошто тогаш неодамна во ваш пост анализа се повикавте токму на Преспанскиот договор во одбрана на македонскиот јазик. Ако вашата понуда е поништување на Преспа, што им нудите на Македонците кои зборуваат македонски јазик како алтернатива за НАТО членството и за пристапниот процес со ЕУ, рече Димитров.