Австриската позиција е јасна, – Северна Македонија и Албанија треба да добијат датум за почеток на преговори на претстојниот Европски совет, следната недела, а во интерес на Скопје е Тирана да почне преговори – тоа е добро за земјава, за соседната држава, регионот, но и целокупната геополитичка состојба, оценија министрите за надворешни работи на Македонија и на Австрија, Никола Димитров и Александер Шаленберг.
На прашањето колку е можно Европскиот совет следната недела во Брисел да ги одвои Северна Македонија и Албанија во однос на датумот за почеток на преговорите, Шаленберг истакна дека не сака да суди за дискусиите што ќе се водат тогаш.
Нашата позиција како Австрија е јасна. Веруваме дека и двете земји и Северна Македонија и Албанија треба да бидат поканети од страна на Брисел и да почнат преговори“, рече Шаленберг.
Димитров, пак, нагласи оти на ова прашање може да се одговори од три аспекти.
Имаме државен интерес соседна Албанија да направи чекор напред ние сме добри соседи, тоа е добро за нас, пред сѐ за Тирана, но и за вкупната атмосфера и геополитичка ситуација на Балканот. Второ процесот на пристапување е процес кој е фокусиран на индивидуални постигнувања и ако правите групи земји се руши логиката на условеноста на процесот и трето не смееме да дозволиме една да биде жртва на другите, две е подобро од една, меѓутоа една е подобро од нула, што е неуспех и за самата ЕУ и може да ја урне самата политика на проширување, истакна Димитров на заедничката прес-конференција со Шаленберг.