На маргините на Генералната дебата на 74-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации што оваа недела се случува во Њујорк, министерот за надворешни работи Никола Димитров оствари средба со новата министерката за надворешни работи на Шведска Aн Линде.
Во пресрет на одлуката за отпочнување на пристапните преговори , на средбата беа разменети мислења за потребата од јасен и недвосмислен одговор на нашите европски аспирации.
МНР Димитров истакна “Шведска е конзистентен промотор и поддржувач на процесите на суштинска демократизација во нашата земја и регионот. Позитивната одлука во октомври ќе послужи како катализатор за продлабочување и зајакнување на процесите на трансформација и придвижување напред кон попредвидлива иднина.”
Министерот Димитров им се обрати и на младите глобални лидери (Millennium Leadership Program) на покана и во организација на Атлантскиот совет, САД.
Осврнувајќи се на важноста од отпочнувањето пристапни преговори со ЕУ, МНР Димитров истакна “Со Договорот од Преспа и реформското портфолио демонстриравме зрелост и подготвеност за трансформација. Ние сме подготвени да го започнеме ова патување. Сакаме да ги искористиме алатките на ЕУ да станеме подобри. Во отсуство на позитивна одлука, европската иднина на Регионот, опкружен со земји членки на ЕУ, ќе биде доведена во прашање. Не смееме да ја испуштиме оваа заедничка можност за успех“.
Групата учесници во оваа програма на Атлантскиот совет ја сочинуваат околу 20 млади лидери од политиката, економијата, културата и академијата од целиот свет.
Програмата на Димитров продолжува со обраќања на настан во организација на Светскиот економски форум.