Македонија 30. април 2018. / 20:22

Димитров се сретна со делегација на Националното собрание на Виетнам

Димитров се сретна со делегација на Националното собрание на Виетнам

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес се сретна со делегација од Националното собрание на Социјалистичка Република Виетнам, предводена од потпретседателот на 14-то Национално Собрание, Уонг Чу Луу, а во чиј состав беа пратеници и претставници на региони во земјата.

Димитров на средбата го истакнал значењето и вниманието кое владата на Република Македонија го посветува на односите со државите од Азија, меѓу кои и Виетнам. Активната политичка соработка во изминатата година и поддршката која Република Македонија ја дава на Виетнам на мултилатерален план се одлична основа за натамошно продлабочување на односите. Соговорницте се согласија дека постои неискористен потенцијал за зајакнување на билатералната соработка во повеќе области, пред сé во економијата, образованието, културата и туризмот. За таа цел, се разговараше и за можностите за воспоставување директна соработка меѓу бизнис заедниците од двете земји, кои можат да бидат значајни појдовни точки кон eвропскиот и кон виетнамскиот пазар.

„Негуваме позитивни, пријателски и односи на меѓусебна почит со Виетнам. Имаме солидна договорна рамка и традиција на заемна поддршка на мултилатерално ниво. Треба да изнајдеме начини за да ги охрабриме бизнис заедниците од двете земји за директна соработа”, изјавил Димитров.

Вонг Чу Луу, пак, изрази задоволство од традиционалното пријателство меѓу двете земји и нагласи дека целта на посетата е натамошно продлабочување на односите. Виетнам позитивно гледа на реформската политика на Република Македонија и изразува поддршка за нејзините надворешно-политички приоритети. Во однос на билатералната соработка, покрај економијата, потпрестедалот ги посочи културата, образованието и туризмот како полиња кои нудат широк потенцијал на соработка.