Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, во изјава за АФП, предупреди дека не се доволни пораките на охрабрување по октомврискиот состанок на Европскиот совет на кој не беше донесена одлука за старт на пристапниот процес и дека EУ мора наскоро да го исполни ветувањето за отворање на преговорите за членство со Македонија.
– Мислам дека овие пораки се позитивни и потребни, но во оваа фаза за нас и за мене како министер за надворешни работи многу е тешко да зборуваме за надеж откако трипати удривме во ѕид – во јуни 2018, јуни 2019 и во октомври годинава – изјави Димитров.
Како што нахласува министерот за надворешни работи, неопходно е да биде донесена одлука што ќе им даде вистинска надеж на луѓето дека Европа е сериозна во однос на нашата европска перспектива.
АФП потсетува дека Европската Комисија и другите институции на ЕУ јасно кажале оти Македонија ги исполнила сите услови и задачи што и беа зададени и оти треба да почне преговори за членство, но на Самитот на ЕУ на тоа се спротивстави Франција.
За француското вето, Димитров вели дека Париз имал право да отвори легитимна дебата за пристапниот процес, а Македонија е подготвена да го прифати тоа и да биде подложена на дополнителен надзор вклучувајќи го принципот на реверзибилност.
И покрај разочарувањето од ЕУ во октомври, Димитров вели дека Скопје нема да ја повтори грешката по Самитот на НАТО во 2008 кога не доби покана за членство поради спорот за името со Грција и влезе во ќорсокак.
– Ние избегнавме да ја повториме таа грешка. Остануваме фокусирани на целта. Во наредните неколку недели сакаме да постигнеме дополнителни реформски резултати кои ќе го зацврстат нашиот случај и ќе направат да стане невозможно ново ‘не’ од земјите членки на ЕУ – истакнува Димитров.
Следната можност да се поправи грешката и да биде донесена одлука за старт на преговорите со Скопје и Тирана, е Самитот на ЕУ лидерите во Загреб на 6 и 7 мај наредната година.