Заменик претседателот на Владата задолжен за евроски прашања, Никола Димитров денеска оствари прва официјална средба со новоназначениот амбасадор на Словенија во нашата земја, Милан Предан.
Посакувајќи му успех во преземањето на новата функција, вицепремиерот Димитров истакнал дека континуираната поддршка од пријателска Словенија е од огромна важност во клучниот период за нас, што ќе добие на нов квалитет особено за време на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија од јули следната година, ставајќи го процесот на проширување во фокусот на своите приоритети.
Словенија е еден од нашите најсилни поддржувачи и сојузници на патот кон ЕУ. Искрено се надевам дека одличната соработка ќе ја интензивираме во наредниот период, особено во насока на пренесување на словенечкото искуство во пристапните преговори“- посочи Димитров, потенцирајќи ја успешната развојна билатерална соработка која што по петгодишна пауза, беше заокружена со минатогодишното потпишување на Меморандум за билатерална развојна соработка за 2020-2021 година, потенцирал Димитров.
Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека во контекст на Извештајот на Европската комисија, на средбата е констатирано дека неговото објавување се одвива во период кој се карактеризира со зајакнато внимание на процесот на проширување помеѓу земјите членки на ЕУ, период кога се во тек дискусиите за преговарачката рамка за нашата земја и кога го очекуваме одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на германското претседателство.