Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров истакнува дека одлуката за отворање на границите зависи пред се од два фактори.
Многу ќе зависи што ќе се случува дома и како се движи бројот на заразени и тоа ќе влијае врз нашата одлука за отворање на границите. Второ во моментот кога ќе се отворат границите влегуваме во фаза во која сите мерки досега се затвораат, влегуваме во нова фаза, бидејќи ќе имаме константен прилив – изјави Димитров.
Тој информира дека пред два дена имал телефонски разговор со грчкиот Министер за надворешни работи, Никос Дендијас главно фокусиран на планови, предвидувања, регионална соработка околу отворање на границите и олеснување на мерките и додаде дека планира идната седмица да направи серија телефонски разговори и со другите колеги од регионот.
Може и сите заедно да се собереме на една конференција, бидејќи тој чекор – отворање на границите мора да биде координиран за да има смсила. Моето чувство е дека сите планираат, но имаат извесна колебливост околу точниот период, кога е точниот датум – рече Димитров.
Одговарајќи на прашање дали ќе има задолжителни тестови при влез во државата, Димитров посочи дека за тоа ќе треба да се разговара и оти мора да имаме единствен систем на комуникација и движење.
Ако една земја бара тестови, а друга земја не, ланецот се прекинува, така што апсолутно мора да се координираме и да разговараме меѓу другото и за тоа – вели Димитров.