Македонија 10. април 2019. / 13:39

Димитров оствари средба со Крамп-Каренбауер претседателката на ЦДУ

Димитров оствари средба со Крамп-Каренбауер претседателката на ЦДУ

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во рамките на работната посета на Сојузна Република Германија оствари средба со претседателката на Демохристијанската унија (ЦДУ) на Германија, Анагрет Крамп-Каренбауер.

Имаме исклучително важни два дена средби и активности во Берлин. Германија е наш клучен европски партнер и поддржувач и нашата цел е овие два дена на нашите германски пријатели да им понудиме што повеќе аргументи за тоа зошто заслужуваме да го направиме следниот чекор кон Европската Унија и да ги отвориме пристапните преговори. Затоа, новата лидерка на ЦДУ/ЦСУ ја запознавме со тоа каде беше Република Северна Македонија пред неполни две години и каде е денес како пример за добар сосед и стабилен и веродостоен партнер во регионот. Постигнавме многу и продолжуваме да работиме со сите напори и дома и надвор за заедно со нашите партнери да обезбедиме дофатлива европска перспектива за земјата, истакна Димитров.

Од аспект на европските интеграции, Германија отсекогаш сме ја сметале за наш стратешки партнер во чии иницијативи ги наоѓаме мотивацијата и перспективите за нашиот успех истакна Османи јасно изразувајќи очекување оваа поддршка и заемна соработка да продолжи и во иднина.

Во периодот што ни претстои неопходна ни е целата политичката поддршка од страна на сите наши пријатели внатре во Унијата за да ја прошириме европската приказна на Балканот и да го отстраниме европскиот скептицизам што навлегува преку периферијата на Европа преку јасна и недвосмислена поддршка од страна на земјите членки на ЕУ за европските перспективи на Република Северна Македонија како предводник на европската идеја меѓу земјите од Западен Балкан, додаде Османи посочувајќи на очекувањата од претстојните јунски самити на ЕУ за конфирмација на минатогодишната одлуката за почеток на преговорите со Република Северна Македонија.

Османи и Димитров во рамките на работната посета на Берлин ќе остварат средба со државниот министер за Европа, Михаел Рот, и ќе учествуваат на брифинг пред Комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг, на кој ќе реферираат за текот на имплементацијата на политичките обврски што произлегуваат од договорот од Преспа и договорот за добрососедство со Бугарија, како и за напредокот во спроведување на реформите во областите предвидени во заклучоците на минатогодишниот самит на Европската Унија како клучни критериуми пред годинешниот самит на ЕУ во јуни кога се очекува конфирмација на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ.