Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервјуто за МИА, на прашањето да даде коментар за интерпелацијата поднесена од страна на опозицијата, вели дека не може политичката борба да оди на штета на македонските интереси или тие да бидат колатерална штета и оти со чиста совест и искреност ќе се соочи со пратениците на опозицијата.
-Не може политичката борба да оди на штета на македонските интереси или тие да бидат колатерална штета. Така што, јас со чиста совест и многу искрен ќе бидам кога ќе се соочам со пратениците на опозицијата и со таа една политички шизофрена позиција, бидејќи уште не сум сигурен дали интерпелацијата е затоа што не успеавме да ги почнеме пристапните преговори или пак затоа што наводно сме тргувале со националните интереси. Оти ако сме тргувале со националните интереси ќе почнавме преговори. Тоа што немаме преговори, значи дека сме ги чувале националните интереси. Ако сме ги чувале националните интереси зошто тогаш овој напад и интерпелација, вели Димитров за МИА.
Според него, ние имаме опозиција којашто едвај чека да чуе лоши вести, а кога нема лоши вести, вели тој, самата ги измислува.
-Со кој образ човек што бил министер за надворешни работи доживува деманти од амбасадори од земји членки во прес извештаи на министерства не еднаш, десет пати. Последното беше Холандија и Данска, кога рече дека не била само Бугарија, или пак другиот потпретседател на опозициската партија којшто кога нешто не чини, вели, Владата е крива, а кога нешто добро ќе се случи, вели, ние го одработивме. Па доживеа директен демант од Словачка и од Чешка. И како со тие луѓе и со кој кредибилитет излегуваат и воопшто разговараат на тема европски интеграции, оценува Димитров.
Вицепремиерот потсетува дека ова му е трета интерпелација, а прва во овој мандат, што за него, како што вели, на некој начин претставува и комплимент, бидејќи, посочува, тоа покажува дека нешто прави што и пречи на една опозиција, која што во политичката битка не и пречи нашата татковината да биде колатерална штета.
-Жал ми е, тоа се надѕираше и од нивните позиции, делувања или неделувања во контекст на Преспанскиот договор. Меѓутоа, сега посебно мислам дека е видливо во контекст на ова со Бугарија, дека опозицијата некогаш се држи и на антимакедонски позиции. Се додека ние немаме опозиција која што ќе знае да застане на страна на нацијата во тешки моменти, тие нема да бидат вистинска политичка алтернатива без разлика колку мани има власта. За жал, мани има и власта, имаме уште многу да работиме за да ја оправдаме довербата кон граѓаните. Меѓутоа, не прават услуга на македонскиот народ и на сите македонски граѓани тоа што со вакви позиции практично се дисквалификуваат себеси од вистинска политичка алтернатива, рече Димитров.
Повтори дека планот е обезбедување подобра иднина и предвидливост на следната генерација.
–Со НАТО успеавме, ќе успееме и со европеизацијата, ќе успееме и со ЕУ, меѓутоа не по секоја цена, ќе си го чуваме македонскиот идентитет и ќе успееме конечно исто како што велеа дека нема да успееме ни со Грција, се покажа дека тоа не е точно. Не прават услуга, дури ни на нас. Мислам дека за Владата ќе биде подобро ако има реален притисок и вистински натпревар со луѓе коишто во ист правец ќе сакаат да ја носат земјата и ќе се натпреваруваат во тоа кој е поспособен, кој е почесен, кој е поработлив, рече Димитров.
Оценува дека со вакви позиции земјава нема алтернатива, и како што вели, добро е да има повторно пораз оваа година на локалните избори, или пак да се роди нова сила која што ќе биде вистински предизвик за партиите во сегашната владејачка коалиција.