Македонија 03. јули 2019. / 17:05

Димитров на конференција во Полска за новите перспективи на Западен Балкан

Димитров на конференција во Полска  за новите перспективи на Западен Балкан

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во наредните два дена ќе учествува на шестата конференција на високо ниво за Западен Балкан во Познањ, под покровителство на премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки.

Конференцијата се организира во рамки на полското претседавање со „Берлинскиот процес“, кој во 2014 година беше инициран од германската канцеларка Ангела Меркел.

Како што соопшти МНР, во рамки на програмата на министрите за надворешни работи предвидени се дискусии поврзани со регионалната соработка и улогата на цивилното општество, евроинтегративната перспектива на земјите од регионот на Западен Балкан, а ќе се разговара и за понатамошниот развој на самиот Берлински процес во наредниот период.

Покрај пленарните сесии и билатералните средби со министрите за надворешни работи од другите земји, министерот Никола Димитров ќе учествува и на панел дискусии во рамки на Форумот на граѓанско општество, што е дел од програмата на Самитот.

Агендата на Самитот на Берлински процес е заснована на политичката и економската димензија. Главни области на соработка се транспортното и енергетското поврзување на регионот, економска интеграција, бизнис секторот, соработката меѓу младите, третманот на билатералните и други отворени политички прашања од минатото на регионот, но и глобални безбедносни и миграциски предизвици. Оваа година посебен фокус и се дава и на улогата на цивилното општество.