Шефицата на шпанската дипломатија, Аранча Гонзалез Лаја, на прес-конференцијата во Мадрид со министерот за надворешни работи Никола Димитров соопшти дека Шпанија ќе поддржи почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ на состанокот на Европскиот совет во март.
Лаја нагласи дека Шпанија работи со Франција за обезбедување консензус за ова прашање, додавајќи оти за тоа станало збор и на средба на шпанскиот државен секретар за ЕУ, Хуан Гонзалез Барба со неговата француска колешка Амели де Моншалан.
Димитров изјави дека со новата методологија предложена од Европската комисија, која предвидува награда за оние што си ја завршиле домашната задача и казна за оние кои назадувале, ќе биде многу тешко, па дури и засрамувачки, повторно да и се каже не на Македонија.
Димитров потсети дека земјава направила значителен напредок, го решила долгогодишниот спор со Грција за името, ги спровела задачите што и беа поставени и е целосно подготвена за старт на преговарачкиот процес со ЕУ.
Во врска со ратификацијата на Протоколот за НАТО во шпанскиот Парламент, Лаја најави дека очекува тоа да се случи многу брзо и Македонија да стане 30. полноправна членка на Алијансата.
Шпанија е последна земја членка на НАТО која се уште не го ратификувала Протоколот за прием на Македонија во Алијансата.