Македонија 02. септември 2019. / 18:48

Димитров имаше куса средба со Борел, наследникот на Могерини

Димитров имаше куса средба со Борел, наследникот на Могерини

Шефот на дипломатијата, Никола Димитров, кој заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска учествуваат на 14-от Бледски стратегиски форум, попладнево имаше куса средба со колегата од Шпанија, Жозеп Борел, номиниран за функцијата Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Димитров оствари средба и со премиерот на Словенија Марјан Шарец и со шефот на турската дипломатија МНР Мевљут Чавушоглу.

На маргините на форумот, Димитров и Шекеринска денеска ќе се сретнат и со Метју Палмер, новоименуваниот специјален пратеник на САД за Балканот и со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин Офис, Ричард Мур.

Димитров утре ќе се обрати на панелот насловен „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност“, на кој ќе се осврне на европските перспективи на Република Северна Македонија.

Шекеринска, пак, ќе се обрати на панелот насловен „Што следува? – поглед на евроатлантската безбедност, 70 години по Вашингтонскиот договор“.

Бледскиот стратегиски форум секоја година е местото каде што се среќаваат влијателни светски и европски политичари и државници. Форумот претставува една од водечките меѓународни конференции во Централна и Југоисточна Европа.

Годинашното мото на Бледскиот форум е „Ресурси/извори на (не)стабилност“/(Re)sources of (in)stability, а дискусиите ќе бидат посветени на улогата на ресурсите/изворите во контекст на мирот и безбедноста, одржливиот развој и економскиот напредок.