Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој воедно е и носител на листата во ИЕ 1 на СДСМ, изјави дека нема најава за нова лидерска средба како за датум за избори. Сепак, Димитров вели дека може да се каже дека има комуникација и се вложуваат напори да се постигне консензус.
Димитров ја истакна потребата од избори, имајќи предвид дека на земјата и се потребни функционални и легитимни институции и Собрание за да се справи со кризата поради пандемијата со Ковид-19.
Нашиот став е дека веднаш штом се исполнат законските и здравствените услови треба да ги одржиме одложените предвремени парламентарни избори – изјави Димитров, посочувајќи дека токму за ова зборувале со кандидатите за пратеници.
Димитров потенцира дека преговарачката рамка која треба да биде предложена во првата половина од следниот месец од ЕК во Брисел, ќе биде главна водилка во сите реформи низа години нанапред. Тој додаде дека тоа е исклучително важен документ и изнесе став дека не е сигурен оти техничка влада може да го направи целиот тој процес.
Важно е Владата да има политички легитимитет да го прифати овој документ и да го води овој важен процес. Затоа изборите во овој момент се решение, а не се проблем. Тие ќе бидат организиррани во целост согласно препораките на Комисијата за заразни болести на здравствените експерти и во смисла на начинот како ќе се води кампањата и во смисла на са миот изборен ден, како ќе се гласа итн – изјави Димитров.