Македонија 08. декември 2020. / 12:43

Димитров: Евроинтеграциите ќе продолжат кога ЕУ ќе ги убеди сите земји-членки

Димитров: Евроинтеграциите ќе продолжат кога ЕУ ќе ги убеди сите земји-членки

Северна Македонија ќе го продолжи патот на евроинтеграции кога Европската унија ќе ги убеди сите земји-членки дека така треба да биде, рече вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров денеска на чествувањето на Свети Климент Охридски.

Поранешниот министер за надворешни работи вели дека самата ЕУ не може да ја спроведе одлуката за преговори со нашата земја.

Ова е голем удар за Европската Унија кон Балканот. Во март одлуката беше безусловна. Треба да ја избегнеме замката на паѓање во очај. Да го искористиме ова време да си работиме. Овие денови јас контактирам со многу колеги од земјите-членки, правиме план како да ги вклучиме во нашата домашна агенда кога веќе не можеме да добиеме преговори. Да си ја европеизираме земјата, одговори Димитров на новинарско прашање.

Тој вели дека Македонија ќе продолжи да ги спроведува критериумите на Брисел и покрај тоа што нема да има датум за почеток на преговорите.

Да бидеме во добра кондиција кога Европа ќе ги убеди сите земји-членки. Да ги увеземе вредностите, законодавството и принципите. Не дигаме рака од пристапниот процес. Ќе продолжиме да ја убедуваме Бугарија дека правото за самоопределување не може да биде пречка за евроинтеграции, рече Димитров.

Тој додаде дека нас ни е битно македонскиот јазик и идентитет да останат недопрени, додека паралелно ќе тече механизмот за историските прашања.

Јас мислам дека проблемите се решаваат само низ дијалог, нема од што да бегаме, стоиме на кристално чист принцип и ќе продолжиме да ја убедуваме Бугарија. Ние почнавме процес на зближување, а ова не е во прилог на таа атмосфера. Сепак, динамиката ќе зависи и од таму, од нив. Ќе продолжиме кога Европската унија ќе најде сили да ги убеди сите земји-членки, подвлече Димитров.