Имавме тешка година, јас сум далеку убеден дека ќе имаме посреќна и далеку подобра 2021 година, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во празничното интервју за МИА.
Тој потврди дека во март имавме голем успех, кој останал подзаскриен бидејќи, како што вели, тогаш беше почетокот на маката со коронавирусот, почетокот на пандемијата, и немавме ни прилика ни можност да се израдуваме.
-НАТО беше цел 25 години, четврт век, значи зацврстување на безбедноста, предвидливоста, тука сме за да останеме во овие граници и добивме безусловно зелено светло за почеток на преговори. За жал, тоа не се оствари, имавме голема поддршка од Берлин, канцеларката Меркел од среде Брисел најави од Европскиот парламент, дека првиот приоритет во надворешната политика на германското претседателство е почеток на пристапни преговори со Македонија, вели Димитров.
Потенцира дека Германија даде се што можеше. За жал, вели Димитров, Европската Унија по ова прашање функционира така што ако нема доволно консензус, доволно е една земја да спречи донесување на одлука. Меѓутоа, додава тој, многу е важно што другите за тоа мислат.
-Ние се обидовме и мислам дека успеавме да издржиме иако не беше лесно, имаше многу искушенија, да имаме возрасна политика, да зборуваме со европски јазик, со јазикот на вредностите и принципите, и мислам дека е многу важно што нашата позиција беше разбрана, прифатена и поддржана од сите останати земји-членки, вели Димитров.
Според вицепремиерот за европски прашања, оваа битка не е само битка за македонскиот идентитет, туку е битка и за европскиот идентитет.
-Ако Европската Унија е заедница на вредности, меѓу кои клучните е богатството на различностите, кулурни и јазични, на народите во Европа, тогаш оваа битка е битка на самата Европска Унија. Јас сум убеден дека ние овие три цели коишто се целосно заедно компатибилни, мора да ги успееме истовремено. Да почнеме пристапни преговори, да го зачуваме и промовираме македонскиот идентитет и македонскиот јазик и да градиме пријателски односи со нашиот сосед, со соседна Бугарија, вели Димитров.
Додава дека Многу тежок ни е патот. Многу тесен и многу стрмен, процесот е во криза, проширувањето е во криза, и смета дека неуспехот на Европската Унија да ја спроведе сопствената одлука испратила негативен сигнал за еден регион што е опкружен географски од земји-членки на Европската Унија.
-И во оваа смисла и кредибилитетот и европската иднина, перспективата што толку често во неброени документи ја повторуваат „Балканот има европска иднина“, „Балканот има европска песпектива“, такви зборови веќе не се доволни. За балканските народи навистина да веруваат во сериозноста на Европа и на тоа што Европа го вели., изјави Димитров во интервју за МИА.
Димитров смета дека Португалија ќе биде заинтересирана да ги продолжи напорите на Германија, и дека Европската Унија не може да си дозволи луксуз и оваа 2021 година, да помине така како што помина 2020, со неуспех по проширувањето.