Македонија 24. ноември 2018. / 14:08

Димитров: Договорот од Преспа може да биде инспирација за решавање на проблемите во регионот

Димитров: Договорот од Преспа може да биде инспирација за решавање на проблемите во регионот

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за Независната балканска новинска агенција (ИБНА), дадено на маргините на четвртиот министерски состанок што изминатите два дена се одржа во Солун, говори за последните случувања во регионот, за Договорот од Преспа, за но и за случајот со Никола Груевски.

Шефот на македонската дипломатија, коментирајќи ги последните случувања во регионот и на релација Србија-Косово, изразува надеж дека Договорот од Преспа ќе биде извор на инспирација и мотивација за решавање на другите проблеми, како што е дијалогот меѓу Приштина и Белград.

-Сѐ уште имаме проблеми во регионот. Се надевам дека она што го направивме со Договорот од Преспа ќе биде извор на инспирација и мотивација и за другите проблеми што треба да се решат, како што е дијалогот меѓу Приштина и Белград. Еден проблем во регионот влијае на сите нас и успехот на една земја подеднакво добро влијае врз другите земји од регионот. Во наш интерес е да имаме добри односи со сите земји. Нашиот глас за членство на Косово во Интерпол беше доследен како што гласавме и претходно. Ги следиме нашите партнери од ЕУ и НАТО, ќе направиме се за нашите односи со Белград и Приштина да бидат позитивни, вели Димитров во интервјуто и додава дека Македонија внимателно ги следи последните случувања, „бидејќи колку повеќе ги решаваме проблемите, толку е подобро за сите нас во регионот, вели Димитров.

За следните чекори кон финализирање на Договорот од Преспа, шефот на македонската дипломатија објаснува дека Македонија е цврсто посветена на завршувањето на обврските, а двете земји се многу блиску до затворање на 27-годишниот спор.