Македонија 21. август 2018. / 21:58

Димитров до Помпео: Охрабрување е да се биде тука

Димитров до Помпео: Охрабрување е да се биде тука

Охрабрување е да се биде тука, ова му го кажа шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на својот американски колега државниот секретар на САД, Мајк Помпео пред стартот на нивниот состанок во Вашингтон, кој започна пред повеќе од еден час.

„Многу ви благодарам, охрабрување е да се биде тука“, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи.

Димитров пред средбата со Помпео денеска одржа и одделни средби со претседавачот на Комитетот за надворешни односи во Сенатот, сенаторот Боб Коркер и претседавачот на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, сенаторот Рон Џонсон. Тие на Димитров му пренеле дека земјава има целосна поддршка на патот кон НАТО и од двете партии во Сенатот на САД.

Американсите сенатори, како што соопшти МНР, ја нарекле Македонија светла точка на Балканот, поздравувајќи ја храброста на Македонија во решавањето на спорот околу името и истакнале дека Вашингтон со задоволство ја дочекале Спогодбата меѓу Македонија и Грција.

„Нагласија дека Македонија е светлата точка на Балканот која има целосна двопартиска поддршка на патот кон НАТО во Сенатот и САД ќе продолжат и натаму со несмалено темпо да работат на исполнување на евро-атлантската иднина на државата“, стои во соопштеното од МНР.

Сенаторите ја реафирмирана и важноста на македонско-американското партнерство и сојузништво, како и значењето на натамошната поддршка на САД на евро-атлантската иднина на земјава.

Димитров посетата ја започна синоќа со одделни средби со претставници од Фондацијата Херитиџ, Школата за напредни меѓународни студии при универзитетот Џонс Хопкинс и на Германскиот Маршалов Фонд на САД, на кои се разговарало за македонското зачленување во НАТО и во ЕУ, со фокус на Договорот за името со Грција.