Македонија 07. октомври 2019. / 16:29

Димитров: Ако не добиеме датум за преговори, ЕУ ќе испрати порака дека не е сериозен партнер

Димитров: Ако не добиеме датум за преговори, ЕУ ќе испрати порака дека не е сериозен партнер

Пораката што наредната недела ЕУ ќе ја испрати до Македонија е порака и за регионот, истакна Никола Димитров.

Доколку сѐ она што го направи земјава од решавањето на прашањата со соседите, реформите и целокупната позитивна промена во општеството, не биде препознаено и наградено со позитивна одлука за почеток на преговорите со Унијата, Европа ќе испрати порака дека не е сериозен партнер, порача денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Говорејќи на панел дебата насловена „Договорот од Преспа – научените лекции за време на дипломатските преговори и меѓународната перспектива“ што се одржа во МНР, тој потсети дека земјава 14 години е кандидат за членство во ЕУ и има десет позитивни препораки дека е подготвена за почеток на преговорите и за влез во следната фаза.

Одлуката на Советот на министри на 15 октомври, а Европскиот совет на 17-18 октомври е наше рандеву со историјата. Ќе биде многу тешко да им кажеме на граѓаните – „ние не успеавме овој пат, ќе успееме 11-тиот пат, истакна Димитров.

Покажавме, рече тој, храброст и европски дух во решавањето на домашните прашања, работиме на европската агенда, направивме огромни скокови напред во изминатите неколку години на полето на слобода на медиумите, независноста на судството, јавната администрација…

Ова е многу поинакво општество од она што го наследивме во јуни 2017 година и ако овој тренд не биде награден и охрабрен од ЕУ, ако не се признае и препознае со позитивна одлука за почеток на преговорите, таа ќе испрати порака дека Европа не е серизона кога донесува заклучоци, рече министерот Димитров.

Според него, влогот е голем и за регионот и за ЕУ, сигналот за нас е и сигнал и за целиот регионот. Позитивна одлука, рече тој, може да биде вин-вин за нас, за регионот и за Европската Унија.

Тој истакна дека Договорот од Преспа е еден по показателите за позитивните промени во општеството, желбата да се продолжи на патот на евроатланските интеграции и да се овозможи посигурна иднина за граѓаните.

Работите и отворените прашања треба да се решаваат. За мене како министер најлесно беше да не го чепкам прашањето за името. Тешко се гради политички капитал или се стекнува популарност кога решаваш тешко прашање, кое колку подолго опстојува, станува сѐ потешко да се реши, а многу направија и кариери на прашањето,  рече Димитров.