Екс-премиерот и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, денеска преку статус на Твитер постави, најблаго речено, чудни дилеми околу изборот на граѓаните на политичката опцијата за претстојните парламентарни избори.
Според него, граѓаните ќе требало да изберат меѓу НАТО и ЕУ или Хунзите и Белизе, меѓу европските фондови или нов Субрата Рој, меѓу сигурна иднина или неизвесност
Ако не ги отвара видеото истото можете да го погледнете ТУКА.
На 15 јули ти одлучуваш помеѓу:
✅ НАТО и ЕУ или
❌ Хунзите и Белизе✅ Европски фондови или
❌ Нов Субрата Рој✅ Сигурна иднина или
❌ НеизвесностИзлези и гласај! pic.twitter.com/fZt1AE6LPB
— Зоран Заев (@Zoran_Zaev) July 9, 2020
Ова споменување на Хунзите и на Белизе не е првпат во капмањата. И Радмила Шекеринска му постави идентично прашање на својот ривал во петтата изборна единица Игор Дурловски.
Би било добро обајцата да седнат малку и да прочитаат некои работи. На пример, кој и зошто му ги трошеше парите на Владимир Ралев, стопанственик, филантроп и македонски патриот, така барем пишува на Википедија? За тоа има многу документи во Државниот архив. А, можат да прашаат и еден поранешен министер за полиција и за надворешни работи и еден поранешен владин портпарол, кој ги донесе и кој се одеше на ручеци со Хунзите.
Што се однесува до Белизе, дали дилемата се однесува на истата личност со која сега слушаме и гледаме дека Заев се договарал да му биде „чисто“ работењето во Општина Струмица? Или за некоја друга станува збор?
Кога ќе прочитаат и прашаат, тогаш ќе им стане јасно дека поставуваат сосема погрешна дилема за избор меѓу НАТО и ЕУ или Хунзите и Белизе.
Вториот избор е меѓу европските фондови или нов Субрата Рој. Прво, со ова Заев сака да наметне лажна дилема дека европските фондови се резервирани само за него или за неговата коалиција и егзистирањето на власт. Европските фондови постојат и се доделуваат на државите, а не на личности или политички опции и се друго е само обична манипулација со јавнолста.
А, кога станува збор за нов Субрата Рој, се наметнуваат неколку прашања. Во што, на пример, Субрата Рој се разликува од неговиот пајташ Биг Мек, кој е „крал“ на бизнисот со марихуана на Балканот?! Или, од лажниот Порошенко со кој Заев разговараше од премиерската позиција? Јавноста убаво слушна дека во тој разговор Заев отворено изрази подготвеност за заеднички бизнис со чоколади за што беше подготвен веднаш да инвестира 100.000 евра.
Така што и оваа дилема е лажна и Заев може да си ја носи само за по дома.
И третиот избор, што го пласира екс-премиерот, е меѓу сигурна иднина или неизвесност. Основно е кој здраворазумен граѓанин, без разлика на политичка или каква и да било друга определба, не е за сигурна иднина. Навистина, кој е тој што сака неизвеност, несигурност, посебно безбедносна и економска, па и политичка? Нема таков. Секому му треба мир, спокојство и сигурност. Значи, тука нема никакви дилеми.
Останува на крајот неизвесноста. На каква неизвесност мисли Заев? Не кажува. Ако се следи досегашното искуство, на пример, на економски план, опозициската ВМРО-ДПМНЕ секогаш имала и докажала дека води здрава економска политика и за тоа има бедзброј факти и докази. А, и сеќавањата се свежи за тоа која од земјите во регионот, па и пошироко најдобро се справи со светската криза во 2008 година. Наспроти тоа, СДСМ секогаш имал промашувања во економијата, што граѓаните скапо ги плаќале. Друго е прашањето ако мисли на некоја друга неизвесност.
Но, за каква и да било неизвесност да говори, како граѓаните можат да бидат сигурни дека токму со Заев нема да има никакви неизвесности кога сите слушаат, читаат и гледаат дека води сериозни разговори со лажна Грета Тунберг? Утре со кого друг ќе води разговори за било што и кој може да гарантира дека од такви разговори не можат да произлезе несигурност од било кој вид? Никој! Зашто, дури и безбедносните служби очигледно затаиле во обезбедувањето на телефонските комуникации на Заев. А, Македонија е земја-членка на НАТО, што значи дека Заев не се брука само самиот себе и државата, туку и најмолќната воена алијанса во светот.
И има ли некакви дилеми во изборот, што ги поставува Заев? Нема. Зашто, сите се лажни и манипулативни.