Заменик-министерот за труд и социјална политика на Македонија, Ѓонул Бајрактар, денеска оствари средба со делегација од турскиот град Самсун, составена од градоначалникот на Општина Самсун, Зихни Шахин, градоначалникот на Општина Хавза при градот Самсун, Мурак Икиз, и заменик-претседателот на Конфедерацијата на Турците од Балканот, Изет Алтунташ, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-министерот за труд и социјална политика, Бајрактар, во изјава за медиумите истакна дека денес реализираат средба со нивните пријатели од Турција, и нагласи дека веќе околу 13 години имаат соработка со Конфедерацијата на Турците од Балканот.
„Одржавме внатрешни обуки со наставниците. По барање, особено на жените, во иднина планираме посета на Самсун за културни активности. Истовремено, постои барање и од нашите млади од Македонија за реализирање посета на Самсун, исто како што младите од Косово со години реализираат слични посети“, рече Бајрактар.
Бајрактар нагласи дека за време на средбата ќе разговараат околу тоа што може да се направи за граѓаните тука.
„Особено што можеме да направиме околу детските градинки кои се под покровителство на Министерството за труд и социјална политика, и околу количките со струја за кои имаат потреба нашите граѓани. Ќе разговараме за тоа како може да се даде подобра услуга за нашиот народ, реализирајќи соработка со институциите за социјална помош таму (во Турција). Нашата цел е на нашиот народ да му понудиме најдобра услуга“, додаде тој.
Градоначалникот на Општина Самсун, Шахин, нагласи дека во Македонија се наоѓаат по покана на Здружението на Турци Јуруци во Источна Македонија, и дека во овие рамки учествувале на еден фестивал во Радовиш. Тој рече дека по посетата на Македонија, ќе заминат за Косово.
„Навистина, меѓу народите во Македонија постои една убава хармонија. Ако даде Господ, ова ќе продолжи, развивајќи се и понатаму. Се надеваме дека нашите сонародници ќе дадат голем придонес во развојот на Македонија. Мислам дека нашите браќа се еден голем мост меѓу нашите држави, од аспект на културните односи меѓу двете братски земји, и од економски, и од трговски аспект“, додаде Шахин.
Тој вети дека ќе помага во насока на барањето за колички со струја, осврнувајќи се на реализираните реставраторски проекти на Балканот од страна на турската Влада под покровителство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Градоначалникот на Општина Хавза, Икиз, истакна дека пред 5 години се збратимиле со Општина Центар Жупа, и дека оттогаш продолжуваат нивните односи со оваа општина.
Заменик-претседателот на Конфедерацијата на Турците од Балканот, Алтунташ, рече дека реализираат обуки во Самсун за наставниците од Косово и Македонија, и дека им помагаат на студентите кои сакаат да студираат во Турција.