Измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2018 година се една од точките на дневниот ред на денешната редовна 83. седница на Владата на Република Македонија.
Според најавите од владината прес-служба, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, министрите ќе дебатираат и за предлог – програмата за изменување на програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2018 година, како и за извештајот за преземени мерки и активности за 2017. и оперативниот план за 2018 година за спроведување на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година.
Како материјал за информирање, министрите ќе разгледаат неколку извештаи, меѓу кои и на независниот ревизор за извршена ревизија на работењето на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош за периодот од 1 јануари до 31 декември 2017 година, како и извештајот за текот на имплементација на Планот за гаранција за млади (пилот фаза 2018 година).
На дневен ред на 83-тата седница е и информацијата за имплементација на ИПА II Акциската програма 2014, „Поддршка на Секторот Правда”.