Македонија 23. април 2020. / 23:01

Дали Филипче го намести Димитриевски да оди во карантин?

Дали Филипче го намести Димитриевски да оди во карантин?

Случувањата во кумановскиот кризен штаб ставаат сериозен прашалник за процедурата и тестовите што се за Ковид-19 што се прават во Македонија.

Нејаснотиите доаѓаат поради тоа што само неколку денови откако за градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и деветмина членови на кумановскиот кризен беше објавено дека се позитивни на корона вирусот, на повторните тестирања Димитриевски, но и Раководителот на Регионалниот центар за управување со кризи, Горан Стојановски, имаат повеќекратни негативни тестови. Дополнително, како што објави Стојановски, на тестовите се покажало дека не само што тој не бил заболен, туку и дека воопшто не бил во контакт со лице заболено од Ковид-19.

Дополнителен сомнеж за резултатите на тестовите на членовите на кумановскиот кризен штаб, носи тоа што Димитриевски беше еден од погласните критичари на мерките што ги носат министерот за здравство Венко Филипче и владиниот кризен штаб, односно подолго време бараше дозвола да се преземат поригорозни мерки за заштита во Куманово, во моментите кога стана јасно дека таму е жариштето каде што епидемијата брзо се рашири.

Сепак, наместо воведување на мерките што ги бараше градоначалникот, непосредно по средбата со Филипче, техничкиот премиер Оливер Спаосвски и други членови од државниот кризен штаб, Димитриевски доби вести дека бил позитивен на корона вирусот иако се тестирал неколку дена претходно. Тој наводно позитивен тест беше причина Димитриевски да мора да замине во карантин, а главните одлуки за Куманово ги презема централната власт. Дури и самиот Димитриевски, јавно се пожали на односот што го добил тој и неговите сограѓани изјавувајќи дека меѓу одговорните за здравјето на граѓаните има многу „дворски игри и лажење“.

Затоа, пак, сега откако Димитриевски има два последователни негативни тестови тој побара да му биде укината мерката карантин за да може да се врати на работа, односно на чело на општинскиот кризен штаб за да може да продолжи со борбата против епидемијата во неговиот град и државата.

Сличен став има и Стојановски, кој, на социјалните мрежи објави дека има два негативни тестови, притоа изразувајќи надеж дека Лабараторија при Институтот за јавно здравје при прегледување на неговите брисови има направено превид или случајна грешка и дека не сака ни да помисли дека позадината е нешто сосема друго.