Македонија 21. јули 2018. / 11:45

“Да не сте помислиле да учествувате на тендерот” – вака Жути и Петрич добија 35 милиони од Филипче

“Да не сте помислиле да учествувате на тендерот” – вака Жути и Петрич добија 35 милиони од Филипче

Компанијата „АХР ЛАБ увоз – извоз ДООЕЛ“, која го доби тендерот од 35 милиони евра за набавка на апарати и реагенси за испитување на крв е единствената компанија која аплицирала за добивање на јавната набавка. Во обидот да ги расчисти дилемите околу тоа како оваа компанија (која е стара 4 месеци и има 27 годишен сопственик од Србија) го доби тендерот, Лидер разговараше со претставници на фирмите кои се бават со овој бизнис но не учествуваа на тендерот.

пишува: Љупчо Златев

-Веднаш по почетокот на техничкиот дијалог за оваа јавна набавка, затоа што веќе 15 години работиме на пазарот, отидовме во Министерството за здравство за да ги расчистиме нелогичностите. Беше очигледно дека на овој тендер не може да учествуваме и целосно ќе престанеме со работа, затоа што во самиот опис беше даден само еден бренд на апарати, „АБОТ“, кој ние не го застапуваме. На состанокот присуствуваа високи претставници на Министерството, кои во официјалниот дел ни рекоа дека може да аплицираме и покрај тоа што не увезуваме „АБОТ“, но, пред заминување еден од присутните пријателски не предупреди да не се учествуваме, велејќи ни „немојте многу да мислите, ќе има овде леб за сите“. – сведочи за Лидер, претставник на конкурентска компанија кој и е познат на редакцијата, но неговиот идентитет нема да го објавиме од безбедносни причини.

Тој додава дека потоа нивната компанија имала одредени сигнали дека ќе биде подизведувач на „АХР ЛАБ“, но, тие ја прекинале комуникацијата.

Симптоматично е што ФАРМАХЕМ, компанијата која е претставник во Македонија за  „АБОТ“ апаратот кој е фаворизиран во овој тендер, воопшто не аплицирала на повикот за тендер а нејзините апарати на државата и ги нуди друга компанија од фантомски карактер.

Според неофицијалните сознанија, од ФАРМАХЕМ потпишале авторизација за продуктот во Германија, што значи дека на „АХР ЛАБ“ им дозволуваат да набавуваат апарати. По што се поставува прашањето: Зошто една компанија би се откажала од својот продукт на кој му е ексклузивен застапник и истиот би го препуштила на друга компанија?

Во исто време, авторизација потпишале и компаниите СОНИКС, БИОТЕК и БИОМЕДИКА, некои заради профит, а некои како што неофицијално дознаваме и заради уцена дека ќе бидат уништени од страна на Министерството за здравство. Скандалозно е што сите овие компании потпишале авторизација на фирма која постои само 4 месеци, нема никакво портфолио и нема вработени, а единствената вредност и е 5000 евра основачки капитал.

Лидер вчера го објави овој скандал, во кој откривме дека фирма која е основана пред само четири месеци и за сопственик има 27 годишен државјанин на Србија го доби тендерот за централизирана набавка на апарати и реагенси за лабораториите за испитување на крв во Јавните здравствени установи низ цела Македонија.

Контроверзниот тендерв реди околу 35 милиони евра а на него конкурирала само оваа фантом компанија која е во сопственост на Предраг Петрич од Нови Сад, а директор во Македонија и е извесен Александар Јовановски викан Жути од Гази Баба.

За да пронајдеме кој е Предраг Петрич, се јавивме и во Србија, но нашите колеги кои го следат овој бизнис велат дека прв пат слушаат за оваа личност.

Се работи за исклучително сомнителен тендер, ако се има в предвид дека компанијата ќе добие монопол над целиот пазар со апарати и реагенси за испитување на крв во сите Јавни здравствени установи во Република Македонија.

Дополнително скандалозно е што во самата тендерска документација беа наведени спецификации за модел на апарати кои одговараат само на еден производител, „АБОТ“, иако на пазарот има уште десетици модели за апарати за испитување на крв.

Проверката во централниот регистар покажува дека компанијата која го добива тендерот е регистрирана на 18.04.2018 што консолидира со периодот во кој беше отворен техничкиот дијалог за тендерот. Оваа компанија која ја водат млади луѓе, нема никакво искуство во овој сектор, ниту пак било кога се занимавала со медицинска опрема. Во компанијата нема ни вработени.

Провладините медиуми фирмата ја поврзуваат со Мијалков

Провладините медиуми во обидот да ја пренасочат темата вчера пишуваа дека директорот на компанијата Александар Јовановски – Жути, бил пријател со синот на екс-директорот на УБК Сашо Мијалков.

ФОТО од провладините медиуми: Александар Јовановски – Жути, во друштво на Јордан Мијалков

Да биде ситуацијата уште поинтересна, компанијата која доби 35 милиони нема ни веб страница, а лицата поврзани со неа нигде не се јавуваат во медицинскиот сектор. Официјалната имеил адреса во Централниот Регистар, каде се наведува контакт е „[email protected]”, а нигде не е оставен телефонски контакт преку кој би можеле да ги побараме и да добиеме било каков коментар поврзан со ова истражување.

Предраг Петриќ, 27 годишен државјанин на Србија кој е сопственик на компанијата која доби 35 милиони евра тендер

Според неофицијалните информации до кои дојде Лидер, зад целата оваа шема стои еден познат бизнисмен кој се бави со трговија и производство на масло а е исклучително близок до власта.

Ќе се блокира здравствениот систем

До сега секоја болница сама си набавуваше реагенси и имаше десетина компании кои беа активни на пазарот, но откако минатиот месец министерот Венко Филипче им забрани на болниците сами да набавуваат реагенси за нивните лаборатории, се отвора голем скандал, затоа што сега парите ќе ги добива само компанијата „АХР ЛАБ увоз-извоз“, а нив нема да ги плати министерството туку болниците и тоа за апарати кои во најголем дел од случаите нема да бидат исталирани во нивните болници туку болниците само ќе ги користат.

Старите апарати кои се користат во моментов, ќе се стават надвор од употреба, иако најголем дел од нив се функционални и не се долго користени, а новите ќе бидат исталирани на помалку места од претходно и компанијата добитник на тендерот ќе биде задолжена низ Македонија да ги транспортира примероците со крв за да се направат биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациски и гасни анализи.

-Ова ќе создаде дополнителен хаос во здравството, затоа што, доколку се анализира тендерот, излегува дека овие тестови ќе се транспортираат само еднаш дневно. Во болниците има итни случаи за кои е потребно итно да се направи тест, со ова ќе треба да се чека до наредниот ден. – велат за Лидер директори на јавни здравствени установи во кои сега нема да има апарати за анализи.

Според тендерската документација, компанијата која ќе го добие тендерот за реагенси, ќе биде должна да спроведе транспорт на примероците од крв до 14 часот назад во лабораториите.

-Што ќе правиме доколку во Гостивар попладне се случи некаков итен случај со родилка и потребно е итно испитување на хормони? Според ова што го предлага Филипче, процедурата ќе биде таква да се чека до следниот ден во десет ипол да се земе крв па подоцна да се транспорира назад – вели за Лидер, директор на здравствена установа кој сака да остане анонимен.

Во моментов во скоро сите болници во Република Македонија се прават имунолошки анализи (околу 85 болници), но со новиот тендер за кој горе наведените млади луѓе добија 35 милиони евра, ќе се набават само 3 апарати кои ќе работат за цела држава, а останатите ќе бидат ставени надвор од функција.

Овие три апарати најверојатно ќе се стават во големите центри низ Македонија, како Скопје, Битола, Охрид или Штип, а до таму, компанијата добитник на тендерот ќе ги носи примероците на крв, со што примероците на крв се ставаат во ризик.