Македонија 28. април 2020. / 17:05

Чулев: Снимката со Мицкоски во теретана е од октомври 2019 година

Чулев: Снимката со Мицкоски во теретана е од октомври 2019 година

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, се огласи на “Фејсбук” за снимката од теретана која се појави на социјалните мрежи, а на која се гледа лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, во придружба на двајца полициски службеници, и уште едно непознато лице како наводно ги прекршуваат предвидените конкретни одлуки донесени од страна на Владата во врска со корона вирусот, односно биле во теретана која наводно работела само за нив.

Чулев вели дека бил направен увид во видео-надзорот од фитнес-центарот за периодот од 1 до 27 април и оти ниту лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ниту двајцата припадници на МВР кои се со него, ги нема на снимките од тој период.

-Исто така, извршени се службени разговори со полициските службеници во ЕВР Аеродром и Драчево и со неколку вработени во теретаната, кои потврдиле дека истата не работи по донесувањето на мерките од Владата и дека на снимките ги нема известувањата дека објектот не работи т.е. дека снимките се постари. Една од вработените посочила и дека снимката е од 20.10.2019 кога последен пат заедно ги видела во теретаната Х. М и полициските службеници. Дека се работи за настан од 20.10.2019 изјавиле и полициските службеници, кои појасниле дека тој ден извршувале работни задачи на обезбедување на претседател на политичка партија, што било потврдено и по увидот на системот на вработените лица во МВР, вели Чулев.

Министерот наведува и изјава на една вработена која кажува дека на снимката се гледа шкаф без врата, а врата на шкафот била ставена во ноември 2019 г., што значи дека снимката е пред тој период.

-Врз основа на преземените мерки, Одделот за внатрешна контрола смета дека наводите изнесени на социјалните мрежи во врска со постираниот видео-запис се неосновани, односно нема прекршување на одлуката за ограничување на движењето од страна на конкретните лица. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните и медиумите да се воздржат од пласирање и објавување неточни и невистинити вести и информации, пишува Чулев.

Мицкоски, исто така, тврдеше дека станува збор за стара снимка од пред најмалку шест месеци.