Македонија 04. мај 2020. / 22:26

Чулев: Не станува збор за никаква злоупотреба, снимањето е по повод Денот на полицијата

Чулев: Не станува збор за никаква злоупотреба, снимањето е по повод Денот на полицијата

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, предмалку информираше дека вечерва во близина на спортскиот центар Борис Трајковски се снимало кратко видео по повод Денот на полицијата, а со кое МВР ќе се заблагодари за придонесот на полициските службеници, здравствените работници, припадниците на армијата и сите други во справување со корона вирусот.

Тој на неговиот фејсбук профил напиша дека не станува збор за никаква злоупотреба на полициските сили, туку за еден мал гест со кој ќе се заблагодарат за нивната секојдневна жртва.

– Ќе се валоризира нивната посветеност во заштита на здравјето на граѓаните, a истовремено ќе се подигне нивниот морал. Воедно, потенцирам дека со денешните активности во ниту еден момент не се нарушени тековните активности на Министерството за внатрешни работи, напиша Чулев.

Тој повика доколку некои од неговите колеги во Министерството за внатрешни работи ја спори важната улога на полициските службеници во обезбедување на здравствената сигурност на граѓаните јавно да го каже тоа.

– За мене тие се хероите, така ќе биде и во иднина и тие ги заслужуваат сите наши пофалби и признанија, напиша Чулев.

Претходно, преку свој пост на фејсбук дополнителната министерка Славјанка Петровска во жестока порака го нападна министерот Чулев дека тој среде вонредна состојба и полициски час ангажирал 80 полицајци за да снима спот.