Вчерашниот настан кој се случи во населбата Ченто говори за однесување кое е спротивно на воспоставената пракса, а причините поради кои истото е направено, односно политичката позадина, не го оправдува ова поведение, туку говори за тенденциозно загрозување на здравјето на граѓаните кои живеат во овој дел од градот, а кое е предизвикано меѓу другото од политички побуди, истакна министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев на прес конференција по повод вчерашниот инцидент во населбата Ченто.
Министерот истакна дека граѓаните водени од, меѓу другото, од политичка смисла свесно се изложија себе си, но и останатите граѓани на ризик кој може скапо да не чини.
– Околу 21.10 часот на социјалните мрежи се појави слика дека има група луѓе на улицата „Алија Авдовиќ“. Полициска патрола изврши контрола и провери дали има прекршување на полицискиот час. Утврдено е дека имало осум лица кои откако ја забележале полициската патрола, петмина од нив избегале, а тројца останале. Еден од приведените се претставил како советник на СДСМ од Советот на Гази Баба и со тоа сакал да изврши притисок врз полицајците. По службениот разговор со тројцата во полициската станица Гази Баба направена е кривична пријава рече министерот за внатрешни Наќе Чулев.
Лицата коишто го прекршиле полицискиот час ќе се соочат со кривична пријава по член 206. Меѓу кои и кривична пријава за советникот од СДСМ.
Понатаму додаде Чулев, околу 22 часот на истата локација, односно на улицата „Алија Авдовиќ“ имало група луѓе кои се собрале по објавена лажна информација дека врз приведените била употребена сила во полициска станица и дека истите се лишени од слобода во своите домови.
– Потенцирам дека двете информации не се точни. Истото е потврдено во исказите кои ги дале лицата кои биле лишени од слобода, каде истите наведуваат дека биле затекнати на улицата Алија Авдовиќ од каде биле лишени од слобода и спроведени во полициска станица, рече Чулев.
Во однос на видео записите на кои се гледа дека градоначалникот на Гази Баба ветува дека тој ќе ги ослободи приведените, министерот Чулев потенцираше дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани. Пријавите се поднесени до ОЈО, а лицата кои беа приведени уште синоќа беа ослободени. МВР обезбеди видео запис од сите лица кои не го почитувале законот, а дел од тие лица се веќе идентификувани од наша страна, изјави Чулев.