Членовите на Централниот Одбор на Демократската унија за интеграција на седницата одржана вчера во Скопје едногласно донесоа политичка платформа со која го поддржуваат референдумот со цел интеграција во НАТО и ЕУ.Тие изразуваат благодарност за помошта и поддршката што НАТО и ЕУ и ја дадоа на нашата земја во сите фази од процесот за членство.
,,Свесни за важноста на овој заеднички предизвик и определени да ги исполниме сите обврски во овој процес, членовите на Централниот Одбор на Демократската унија за интеграција на седницата одржана на 31 август во Скопје, потврдувајќи дека нашето општество се наоѓа пред клучни моменти кога е потребна храброст и одлучност, ги потврдуваме политичките определби и истакнатите демократски вредности во политичката декларацијата за основањето на ДУИ, констатираат дека евроатлантскиот курс на Македонија и на регионот е единствена алтернатива за заедничката иднина на Македонија и регионот”, се вели во усвоениот документ.
Партијата исто така цени дека евроатланската интеграција е целосно во духот на Охридскиот договор и придонесува во здравите меѓуетнички односи, добрите односи со соседите, одржлив мир, стабилност и безбдност, еднаквост, општествена благосостојба и економски развој. Од ДУИ истакнуваат дека референдумот од 30 септември е референдум за интеграција на Македонија во НАТО и Европската Унија и ја подвлекуваат гео-политичката важност на процесот за проширување на НАТО и ЕУ како за земјите кандидати или аспиранти, така и за НАТО и ЕУ.
Партијата исто така цени дека референдумот од 30 септември е определба за подобро демократско општество, со целосно владеење на редот и законот како и со беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал.