По објавување на информацијата викендот дека во Бугарија е отворена истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери отпад од Италија, од Царинската управа најавуваат дополнително подигнување на степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните.
Оттаму додаваат дека согласно нивните податоци, компанијата „Блацион ДОО“ што се спомнува како увозник на опасен отпад во Бугарија не се појавува како испраќач во увозна царинска постапка во земјава.
– Вкупната количина на увезен отпад за изминатата година е 2.215 тони за кои што секој увозник уредно доставил дозвола издадена од соодветното министерство и при тоа не станува збор за увоз на опасен отпад, порачувааат од Царинската управа и додаваат дека во 2019 година само една компанија користела гориво од отпад, велат од Царинската управа.
Со цел утврдување на евентуални неправилности, прецизираат, Царинската управа во соработка со Министерството за внатрешни работи презема активности во насока на истражување на увозот на отпад.
– Овие активности продолжуваат во континуитет и со други надлежни институции, а за исходот од истите јавноста ќе биде навремено информирана, потенцираат од Царинската управа.
Оттаму уверуваат дека увозот и контролата на опасен отпад, како стока со ризик, секогаш е предмет на царинска контрола и во рамките на надлежностите на ЦУ истата се спроведува согласно законот. Тоа подразбира задолжително поседување на соодветна дозвола за увоз од надлежното Министерство за животна средина.