Македонија 20. декември 2020. / 09:39

Бугарските позиции остануваат исти, барем во наредните шест месеци

Бугарските позиции остануваат исти, барем во наредните шест месеци

Бугарските позиции остануваат исти барем во наредните 6 месеци особено имајќи ги предвид македонските граѓани кои имаат и бугарско државјанство, велат од бугарското МНР.

Македонците со бугарски пасош стануваат дел од разговорите што во наредниот период треба да ги водат Скопје и Софија најавуваат од ресорот на Екатерина Захариева во писмен одговор до бугарскиот весник Труд.

– Би било неразумно да очекуваме дека бугарската позиција ќе се промени. Оваа позиција е предмет на натпартиски консензус и 84 отсто јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република Северна Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе, посочуваат од бугарското МНР.

Ваквиот став на Софија предизвика бурни реакции кај македонските политичари. Поранешниот пратеник Илија Димовски посочува дека овие државјанства немаат етнички предзнак, туку економски и дека се можело да се надмине со одбиеното членство во Европската економска зона, каде македонските граѓани ќе ги добиеле истите привилегии како со бугарските пасоши.

На иста линија со Димовски е поранешната пратеничка Лилјана Поповска таа вели дека на сите им е јасно дека најголем дел се побарани од економски причини, оценувајќи дека бугарските пасоши стануваат алатка за манипулација на Бугарија.

Македонија останува на заложбите да ги решава прашањата со Бугарија, но и јас како премиер веќе не знам кој е проблемот, изјави премиерот Заев откако од Софија стигнаа новите пораки за тоа дека тие немале да ги предадат граѓаните со бугарско државјанство во Македонија.

-Ако е тоа решение, да ги прашаме македонските граѓани со бугарски пасоши. Ние сме пријатели, јас навистина вчера испратив порака дека треба да го решаваме проблемот кој што не знам кој е проблемот. Претседател сум на оваа Влада, почнаа од долгото – краткото име, дефиниравме дека краткото име е исто што и долгото име Република Северна Македонија, нема никакви територијални претензии, нема да ја нападнеме Бугарија, таман работа, пријатели сме и не само тоа, истакна Зоран Заев.