Македонија 16. мај 2018. / 10:46

Бугарите протестираат против БПЦ – зошто не одите на прослава со МПЦ

Бугарите протестираат против БПЦ – зошто не одите на прослава со МПЦ

Пред седиштето на Синодот на Бугарската православна црква во Софија денеска се одржува протест поради одлуката на бугарските владици да не учествуваат на одбележувањето на илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија, што на 27 мај ќе биде одржано во Охрид.

Претседателот на Фондацијата „Бугарска памет“ Милен Врабевски, кој го организира протестот изјави дека зад грбот на патријархот Неофит бил направен заговор под надворешен притисок.

Учесниците на протестот бараат одговор од Синодот на БПЦ за последната одлука да му се забрани на бугарскиот висок клир да учествува на чествувањето на илјадагодишнината на Охридската архиепископија.

Таквата одлука, според нив, е скандалозна бидејќи била донесена со прегласување од владиците, а во отсуство на патријархот Неофит, кој, како што потсетуваат, презел одговорност и подал рака на Македонската православна црква, прифаќајќи БПЦ да и биде мајка црква. Тие му забележуваат на Синодот на БПЦ дека шест месеци по прифатеното барање на МПЦ да и биде мајка црква, бугарската црква не презела ништо во тој правец.

Синодот на БПЦ на 14 мај донесе одлука да не биде прифатена поканата на поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан за заедничко одбележување на илјадагодишниот јубилеј на Охридската архипеископија. За таа одлука гласале осум бугарски владици, а четворица биле против. На синодската седница на која била донесена одлуката не присуствувал поглаварот на БПЦ, патријархот Неофит.