Македонија 07. мај 2020. / 11:14

Бугарија по стапките на Грција: Македонија во ЕУ без македонски јазик и со диктирана историја

Бугарија по стапките на Грција: Македонија во ЕУ без македонски јазик и со диктирана историја

Добрососедските односи влегоа и во Декларацијата усвоена по онлајн самитот на ЕУ, од кои станува јасно дека наместо да се придвижува, европската интеграција на Македонија уште повеќе се усложнува. Датум нема, Македонија доби нов услов. Бугарија бара да се откажеме од македонскиот јазик и од Гоце Делчев. Ако ова го исполниме ќе ни дозволат да ги почнеме преговорите.

-Потребни се понатамошни и одлучувачки напори посветени на помирување и регионална стабилност, како и на изнаоѓање и имплементирање на конечни, сеопфатни и обврзувачки решенија за страните во билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на минатото, согласно меѓународното право и воспоставените принципи, се наведува во точката 9 од Декларацијата.

Во Декларацијата проширувањето на ЕУ не е спомнато ниту како термин. Нема никаков датум за Македонија, нема преговарачка рамка, ниту пак најава за првата меѓувладина конференција, како што периодов по откривањето на најавата за вето од Бугарија, јавноста ја уверуваа владините претставници.

Она што се забележува во декларацијата, од друга страна, е користење на речиси истите формулации од документот, што кон заклучоците на Европскиот совет го придодаде Бугарија, а кои ЕУ најправо ги демантираше, но сега се гледа дека тие биле вистина, и со кој документ се согласија сите земји членки, па го вклучија во финалната верзија на заклучоците.

Во тој документ стоеше дека Бугарија бара од сите земји членки на ЕУ во секоја комуникација со Македонија нашиот јазик да не го нарекуваат „македонски“, како и дека историските комисии мора да се одблокираат, а во спротивно Бугарија иако се согласува дека Македонија треба да почне преговори, ќе користи други механизми и ќе зазема различни ставови во текот на процесот.

Сепак, охрабрувачки пораки за европските перспективи за регионот пристигнаа од претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

-Западниот Балкан припаѓа во ЕУ и тоа воопшто не е прашање за нас, изјави Урсула фон дер Лајен, велејќи дека владите во регионот ќе мора да продолжат да испорачуваат реформи, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, функционирањето на демократските институции и јавната администрација.

Идентични очекувањата од регионот има и претседателот на Европскиот совет, но тој притоа подиректно за тоа ги спомена и добрососедските односи, споменувајќи ги одделно и договорите кои Македонија ги има потпишано со Грција и Бугарија.

– Го поздравивме прогресот направен во насока на намалувањето на тензиите во регионот, пред се со Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција, како и Договорот за пријателство меѓу Северна Македонија и Бугарија. Имплементацијата на овие договори е многу важна за да се помогне да создаде позитивен моментум и да се постигнат резултати, рече Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.

Од страна на Македонија на самитот беше потврдено дека Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија се нашиот влог во идната заедничка Европска иднина при што ќе биде од исклучително значење да продолжиме да ги спроведуваме со добра волја подеднакво од наша страна како и од страна на засегнатите земји членки, порача техничкиот премиер Оливер Спасовски.