Македонија 27. ноември 2020. / 18:00

Бучковски: Заев од петни жили се бори за нашата европска иднина

Бучковски: Заев од петни жили се бори за нашата европска иднина

Владо Бучковски е универзитетски професор по римско право и видна политичка фигура. Тој е поранешен премиер и два пати беше министер за одбрана, а своевремено беше и претседател на СДСМ. Денеска тој излезе тој со свој став по контроверзното интервју на Заев.

Во денешното интервју Бучковски вели дека Заев се бори за европска иднина, а нашата држава нема алтернатива.

– Македонија нема алтернатива. Европската Унија (ЕУ) е нашата стратешка цел, затоа мора да се избориме за почетокот на преговорите со ЕУ. Заев се бори за нашата европска иднина во духот на европските вредности, вели универзитетскиот професор.

Бучковски кажа дека пред 14 години и тој бил во слична позиција, па затоа го разбира Заев. Како што вели професорот по римско право, Заев од петни жили се бори за европскиот пат на Македонија.

– Деновиве минуваме низ една специфична катарза по интервјуто на Заев за БГНЕС. Мене ова ми е веќе дежа ву. Пред 14 години, кога по средба со бугарскиот премиер Станишев, проговорив дека доаѓа време кога врз основа на заедничката историја треба да градиме заедничка иднина со тоа што ќе почнеме заеднички да ги чествуваме „Св. Кирил и Методиј“ и зошто да не и Илинденското востание, бев дочекан на нож од дел од медиумите. Имаше превирања и во самиот СДСМ, беа нарачувани колумни против мене, се ширеше говор на омраза. Денес повторно, но со посилен интензитет, се обвинува за распродавање на македонската историја друг (премиер). Зошто? Затоа што, според мене, Заев од петни жили се бори за нашата европска иднина во духот на европските вредности, вели Бучковски запрашан за коментар на изјавите на премиерот Заев за БГНЕС и реакциите кои уследија во јавноста во интервју за „Цивил медиа“.

Според него, евентуалната политичка криза во нашата држава при опстојување на Бугарија на ветото и на декемврискиот самит на Советот на ЕУ, дополнително ќе ги искомплицира и така комплицираните состојби во нашиот регион на Западен Балкан.

– Албанија е во пресрет на парламентарни избори со длабока политичка поделеност на власта и опозицијата и отворен судир на Владата на Рама со претседателот Мета. Србија навидум е политички стабилна, но верувам свесна дека без признавањето на независноста на Косово, нема шанси за членство во ЕУ, вели Бучковски.