Македонија 18. мај 2020. / 12:31

Брзи избори на Заев – брзо убиство на граѓаните

Брзи избори на Заев – брзо убиство на граѓаните

Најважно е нè само да ги вратиме мерките, туку и да ја одржиме состојбата на ова ниво што го имаме денеска, а тоа е стабилна здравствена состојба во која здравствениот систем ќе може да одговори на состојбите пред нас. Овие смирувачки тонови до македонските граѓани пристигнаа од техничкиот премиер, Оливер Спасовски, ден пред денешната лидерска средба во Вила Водно на која ќе се разговара за кога би можеле да се одржат изборите, а гласачите да не влезат во прегратките на короната.

Но, дали навистина состојбата со Ковид-19 во земјава е стабилна? За ова ќе се разговара денеска на состанок на главниот кризен штаб, врз чии стручни мислења ќе се носат идните одлуки.

Додека се чека што ќе реши Комисијата за заразни болести и што ќе договорат политичките лидери, ситуацијата во Македонија е следна: Додека навидум излегуваме од кризата, секојдневно регистрираме многу нови случаи, при релативно скромен број на спроведени тестирања. Само вчера во државава регистрирани се 30 новозаразени со Ковид-19, а просекот не е многу помал во изминате седум дена.

 

Додека министерот за здравство, Венко Филипче, оддава чест и храброст за посветеноста заради тоа што 91% од здравствените работници целосно оздравеле нашата земја има најлоши резултати во справувањето со пандемијата, наспроти сѐ уште присутната вонредна состојба и силните ограничувања и мерки за дистанцирање.

Со 48 починати на 1 милион жители, Македонија се изедначи со високата бројка на жртви со Словенија 50. Србија има 26, Хрватска 23, по 16 смртни случаи регистрираат Бугарија и Грција, а Албанија 11 смртни случаи на 1 милион жители.

Поразителни бројки Македонија бележи и по однос на заразените лица. Со 860 на 1 милион жители во регионот сме втори. Пред нас е Србија, земја со четири пати повеќе жители од Македонија, со бројка од 1.214. Понатаму следуваат Словенија со 705 и Хрватска со 542, па Албанија со 329, Бугарија со 318 и најпријатното изненадување – Грција со само 272 заразени на 1 милион жители.

Заклучокот е јасен и логичен. Покрај сѐ уште присутната вонредна состојба, наспроти полицискиот час и големите ограничувања, за жал, Македонија сѐ уште не може да се пофали дека излегува од корона кризата, бидејќи бројките сепак укажуваат на една сосема поинаква фактичка состојба.

Со над 170 новозаразени за една седмица прашањето кое логично се поставува е дали треба да се брза со некои мерки што се најавуваат, како отворање на градинките, рестораните, моловите и секако планираните избори во кои граѓаните ќе треба да влезат во вителот на короната?!

Сите политичари, во основа, зборуваат за исто – здравјето на граѓаните е на прво место – само што се разликуваат кога побрзо да почне вителот со одредување на датумот за избори.

Лидерот на опозицијата вели дека по никоја цена не би сакал да отиде на избори доколку поради гласањето биде загрозен нечиј живот и дека неговата партија би излегла на избори само на здравствено израмнет терен. Од друга страна шефот на владеачаката СДСМ, Зоран Заев, е за излегување на избори што е можно побрзо, најраниот термин што го предлага е 21 јуни или 28 јуни, за да се фати „празниот од“ на корона вирусот, пред тој да се врати со нов силен бран наесен?!

Одлуката да се спроведе една таква масовна операција, да се изведе брзо, во јуни, носи огромен ризик. А, впечаток се добива дека протоколот за одржување на изборите е направен под притисок на власта.  

Инаку изборите речиси низ целиот свет се откажуваат, додека кај нас власта сака избори во време кога ситуацијата со кризата и бројката на ново заболени, речиси и воопшто не се намалува. Наместо да бидеме внимателни со избори во пандемиски услови, се чини дека само СДСМ сака да лови во матно, да ги занемари сите европски укажувања и да ја турка државата во уште поголема неизвесност и штетни последици по здравјето на луѓето.

Според најновата официјална бројка избори се откажани на речиси сите континенти и во повеќе од 50 земји во светот.

Дел од откажаните избори се во Африка, Америка, Азија и Европа. Откажани се и локалните избори во Австрија. Избори откажаа и Чешката Република, Англија и Германија. За потсетување првиот круг од локалните избори во Франција во март годинава предизвика рекордно ниско ниво на излезеност со што вториот круг беше одложен и се уште не е одржан.

-Високата стапка на воздржаност е доказ дека граѓаните се плашат да излезат на гласање, неодамна изјави премиерот на Франција, Едуард Филип.

И Полска ги откажа претседателските избори поради пандемијата. Истите требаше да бидат одржани во неделата, но беа одложени, а новиот датум ќе се дознае за две недели. Инаку во регионот избори до овој момент беа одложени и во Црна Гора, Косово и Србија.

Целата мапа на откажани избори без разлика дали станува збор за локални, парламентарни или пак претседателски можете да ја погледнете тука.

Инаку, изборите во Македонија беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. До нив, пак, дојде по инсистирањето на опозицијата откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит на западниот блок и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.