Шест нови лица, меѓу кои и четиригодишно девојче, се заболени со коронавирус во Македонија. Освен во Скопје и Дебар, први случаи на заразени од корона вирусот откриени и во Гостивар и во Штип. Денеска се чекаат резултатите од 35 граѓани кои вчера се тестирани. Вкупната бројка на заболени е 48 лица.
Бројката нови случаи во земјава е во благ пораст. Надлежните смируваат дека засега државата добро се справува со ситуацијата. Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека бројот на пациенти е во пораст, но оти кривата е блага.
-Мислам дека добро го амортизиравме првичниот удар. Искрено, се надевам дека вака блага ќе биде кривата на бројот на пациенти, дека бројката ќе се зголемува постепено и оти здравствениот систем ќе може да се организира и да ги прифати, рече Филипче.
Додаде дека иако се наева оти нема да дојде до сценарио на нагло зголемување на бројот на заболени, сепак, и за тоа се прават подготовки. Се прави адаптација на болницата „8 Септември“ да може да прифати случаи што се сомнителни или се со дијагностицирана корона, а им е потребен друг тип интервенција.
Откако беа најавени санкции, вчера веќе почнаа да се изрекуваат и казни за нивно непочитување. Најавен е и поширок скрининг тестирање за откривање асимптоматски пациенти.
Премиерот Оливер Спасовски во синоќешното гостување на ТВ Телма, најави дека најверојатно денеска ќе бидат донесени мерки согласно кои секој оној што не ја почитува наредбата за домашна изолација, автоматски да биде префрлен во центрите за карантин.
Како дел од мерките за спречување на ширење на вирусот, Спасовски соопшти и дека Водно од утре ќе се затвори за граѓаните од 18 часот до 6 часот наутро за да се спречи собирање на граѓани и додаде дека ќе се испитуваат информациите за изнајмување на куќи во неколку скопски населби како и на договорите за издавање.
Вчера беше најавено и дека следната недела ќе треба да почнат со работа пунктови за тестирање во рамки на Здравствениот дом во Скопје за да се опфатат поголем број граѓани со оглед на тоа што веќе има локална трансмисија во градот.
-Тоа ќе биде целта и на дополнителното тестирање кое сакаме да го почнеме во почетокот на следната недела. Значи да се прошири на дел од асимтоматските пациенти кои се во најризичните групи. Затоа е многу важна свеста на граѓаните посебно на оние кои биле во контакт или оние знаат дека можеби се во ризична група. Сметам дека тоа е исклучително важен дел во целиот систем на борба против вирусот, нагласи Филипче.
Првиот позитивен случај во нашата држава беше регистриран на 26 февруари, а за поефикасно справување со коронавирусот на територијата на државата завечера вчера беше прогласена вонредна состојба.