Македонија 09. мај 2019. / 13:15

Бошњаковски: Посетата на папата е индикатор за забрзување на интеграцијата на нашата земја

Бошњаковски: Посетата на папата е индикатор за забрзување на интеграцијата на нашата земја

Посетата на поглаварот на Римокатоличката црква е индикатор за забрзување на интеграцијата на нашата земја, наскоро како членка во НАТО и кон полноправно членство во Европската унија, изјави денеска на прес-конференција во Владата нејзиниот портпарол Миле Бошњаковски, нагласувајќи оти наскоро најверојатно уште следната недела ќе бидат објавени податоците за тоа колку чинела посетата на папата на Република Северна Македонија.

По речиси три децении ги утврдивме позициите на нашата земја кои сумирани во една реченица би гласале Северна Македонија членка на НАТО со отпочнати преговори за влез во ЕУ станува активен и рамноправен дел од развиениот западен демократски свет, рече Бошњаковски.

Нагласи дека се бесценети придобивките што оваа посета и ги донела на Северна Македонија и нагласи оти финансиските трошоци ќе бидат објавени веднаш откако ќе бидат спакувани и подготвени, додавајќи дека не може да прецизира точно кој ден тоа ќе се случи.

Портпаролот на Владата потенцира дека посетата на папата имала државнички, но и верски карактер, била меѓу највисоките посети од нашата независност, поминала беспрекорно, а пораките што ги испратил поглаварот на Римокатоличката црква преку медиумите допреле до целиот свет.