Животот со мултиплекс склероза е исклучително тежок, оваа болест носи ивалидитет и е непредвидлива, а пациените секојднево се соочуваат со архитектонски, социјални и финансиски проблеми, но желбата за живот ги совладува сите препеки, вели Христина Просковска.
Имала големи соништа пред да седне во инвалидската количка и ги оставила амбициите зад себе, но како што посочува, треба да се биде посилна личност од останатите, а од пријателите и државата и е потребна поголема помош за да го преживее денот со насмевка.
„Претходно сме имале другари со кои сме оделе на планинарење или на базен, или на некакви извиднички егзибиции, сега не можеме. Мора да прифатат дека покрај десетте души, може еднаш да не земат и нас со нив. Ќе ни покажат дека сме еднакви со нив и ние ќе се почувствуваме и на нив ќе им биде убаво. Така се гради еден соживот, верувајте ми“ – вели Христина Просковска
Министерот за здравство, Венко Филипче посочи дека институциите прават напори да ги донесат најновите терапии во светот со цел да им го олеснат животот на пациентите. Инаку мултиплекс склероза е една од најчестите невролошки заболувања и причина за инвалидитет кај младите. Во државава се регистрирани околу 1.200 илјада пациенти.
„Ние имаме голема соработка со Министерството за здравство и со ФЗОМ. Нашиот буџет за оваа година беше зголемен токму за новите иновативни лекови кои се користат во светот, а почнуваат полека да доаѓаат и кај нас за лекување на понапреднати стадиуми на активна мултиплекс склероза“ – изјави Д-р Иван Барбов, директор на Клиниката за неврологија.
Меѓународниот ден на Мултиплекс склероза официјално се одбележува преку различни настани и активности за да се подигне свеста на граѓаните, но и да се овозможи неограничен пристап до нови иновативни лекови.