Вчеравечер лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, гостуваше на дебатната емисија „Прашањето ми е следно“. Мицкоски зборуваше за повеќе теми како: вакцинацијата, задолженоста на Македонија, но и за договорот со Бугарија и пописот кој треба да се случи во Македонија.
Тој се осврна на моментот кој не остана незабележан низ јавноста во однос на изјавата на Бојко Борисов во којашто вели дека тој веќе му дал нешто на Зоран Заев, па тој сега ќе мора да испорача тоа што ветил. Мицкоски истакна дека е срамно премиер на држава да преговара со премиер на друга земја и поради сопствени бизнис зделки и криминали да го става во заложништво својот народ.
– Бојко Борисов веќе не се ни труди да скрие дека со Зоран Заев е одамна договорен во однос на договорот помеѓу двете земји. Тој јасно вели дека Зоран Заев додека бил опозиција му ветил брда и долини во однос на договорот, само тој да стане премиер и да ја добие поддршката од соседните земји. Како што можеме сите да забележиме, она што Борисов го зборува, за жал, e вистина. Зоран Заев секојдневно ја турка земјата во амбис и економски и на национален план, додека врз грбот на граѓаните прави милионски зделки за своето семејство, истакна Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека Зоран Заев е непријател на македонскиот народ и дека прави штетни договори со странските држави само за лични интереси. Според него Заев е внатрешен непријател на македонскиот народ.
Мицкоски на вчерашното гостување се осврна и на пописот кој треба да се одржи следната година во Македонија. Тој истака дека ВМРО-ДПМНЕ бара попис со отисок, кој ќе даде реална статистика.
– Ние предлагаме да има терминали за отисок на прст. Имаме закон во кој што следните локални избори мора да набавиме терминали каде граѓаните наместо она прскање спреј, ќе дојдат и ќе го стават показалецот на тој терминал и врз основа на тој отисок на прст, практично ние ќе знаеме дали тој граѓанин е тука или не. Ако не е тука за пописот кога двајцата попишувачи ќе го посетат дома, тогаш ќе има можност да појде во рамките на општината и таму да се попише. Од тоа нема порелевантен показател, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека СДСМ се обидува да шири лажни вести плаќајќи со многу пари албански медиуми да шират тези дека ВМРО-ДПМНЕ сака да покаже дека има помалку од 20% Албанци.
– Немаме таква намера. Сите се согласивме политички чинители дека ова е статистичка операција. Јас сакам да знам како идна власт со што располагам во Македонија, дали се 2 милиона луѓе, дали со 1,5 милиони. Дали има 2.000 инженери или 500, дали има 3.000 адвокати или 1.000, колку луѓе се во станови колку во куќи. Сакам да знам точна бројка затоа што утре ќе преговараме со некој инвеститор да дојде во Македонија. Може да мислиме дека во Полог има 300 илјади жители, а може да испадне дека нема повеќе од 100 или 150 илјади, или пак дека во струмичко и радовишко се 150 илјади, а во суштина може да не се повеќе од 70 или 80 илјади, потенцира Мицкоски.
Целото вчерашно гостување може да го погледнете тука.