Македонија 04. јули 2018. / 10:50

„Бесплатното лекување“ ќе ги зголеми гужвите по болниците, а со тоа и корупцијата

„Бесплатното лекување“ ќе ги зголеми гужвите по болниците, а со тоа и корупцијата

Приватните болници ќе профитираат од предложената мерка на Владата бидејќи ќе се зголемат листите на чекање во државните болници, што ќе ги принуди пациентите да се лекуваат повеќе во приватното здравство, покажуваат анализите на Хелтгрупер

Преку укинувањето на партиципацијатата, односно бесплатното болничко лекување што го најави Владата,  ќе се зголемат листите на чекање во државните болници, што ќе ги принуди пациентите да се лекуваат повеќе во приватното здравство. Приватните болници ќе профитираат од предложената мерка. Ова значи дека, зголемената побарувачка на услуги ќе отвори нови пазарни можности за приватниот сектор да ги зголеми цените на услугите кои ги нуди. На тој начин, директниот резултат од укинувањето на партиципацијата всушност ќе се одрази врз џебот на граѓаните во наредните 12-24 месеци, предупредуваат од Хелтгрупер, организација која ги истражува состојбите во здравството во Југоисточна Европа.

„Светските искуства, како и истражувањата кои ги спроведуваат експертите на Хелтгрупер укажуваат дека ваквата мерка може да резултира со сосема спротивни ефекти од очекуваните. Конкретно, партиципацијата е механизам кој има за цел да го ограничи прекумерното (и често не потребно) лекување во болниците. Таа мерка се воведува насекаде во светот, и ја користат дури и најбогатите држави како што се Германија, Јапонија, САД и други. Кога ќе се укине партиципацијта, автоматски се очекува да се зголеми побарувањето на здравствените услуги, а тоа ќе се одрази на снабдувањето со здравствени услуги. Новата ситуација ќе ги принуди „снабдувачите„ поточно болниците од причини што нема да може да одговорат на зголемената побарувачка да воведат нивни рестриктивни мерки во форма на продолжено време на чекање за лекување. Поранешните истражувања на Хелтгрупер имаат документирано дека една од клучните причини поради кои пациентите се одлучуваат за лекување во приватните болници е да го скратат времето на чекање“, велат од Хелтгрупер.