Македонија 28. февруари 2019. / 15:31

АВМУ го осуди однесувањето на Орданоски во вчерашното интервју со Мицкоски

АВМУ го осуди однесувањето на Орданоски во вчерашното интервју со Мицкоски

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осуди однесувањето на новинарот Сашо Орданоски на вчерашното интервју со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Според АВМУ Орданоски ги прекршил начелата за почитување на достоинството на личноста, за пресумпција на невиност и за објективно и непристрасно прикажување на настаните.

Орданоски вчера неколку пати без никакви докази го обвини Мицкоски, покажуваше пристрасност кон власта и се обиде да го наруши достоинството на лидерот на опозицијата.

– Во врска со интервјуто на новинарот Сашо Ордановски со претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, емитувано сношти на 1ТВ, првичните наоди од надзорот на Агенцијата укажуваат дека во делови од интервјуто, новинарот ги прекршува начелата за почитување на достоинството на личноста, за пресумпција на невиноста и за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. – реагираат од АВМУ.

Извештајот ќе биде објавен на веб страницата и доставен до Советот на Агенцијата, а во меѓувреме, регулаторното тело нагласува дека професионалното работење на медиумите подразбира почитување на сите начела за вршење на дејноста кои се потпираат на новинарските стандарди.