Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција денеска рече дека Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев повторно е фатен во лага, и откако пред една година изјавил дека нема компании во странство, опозицијата открива дека три фирми од Петрич, Бугарија се врзуваат за неговото име.
-Зоран Заев пред една година велеше дека се што има му е во Македонија и дека нема компании во странство. Е ова почитувани, е бесрамно лажење на Зоран Заев.
Вистината вели дека Заеви имаат 3 фирми во градот Петрич во соседна Бугарија, пријавени на една иста адреса. И тоа фирмата за градежништво Гомасиндра која од август 2018 е во сопственост на братучедот на премиерот, Трајче Заев, фирмата за транспорт и логистика Ориент Груп основана од Вице и Славица Заеви, па потоа превземена во декември 2018 година од Трајче Заев, братучедот на Зоран Заев и третата фирма, тоа е фирмата за транспорт и логистика, Радиша трејд во сопственост на зетот на премиерот, Радиша Бојовиќ Заев. Внимавајте три фирми на Заеви со слична дејност, формирани речиси во ист период, на една адреса во Петрич – Република Бугарија.
Нервозата кај Заев и СДСМ, но и молкот кој завладеа за ова прашање, јасно покажува дека се одмотува една поголема афера која мора до крај да се расчисти и за која Зоран Заев треба уште веднаш да почне да дава одговори наместо да молчи и да ќути. Во овој случај со фирмите во Петрич сериозно мириса на криминален скандал-изјави Арсовски.