Македонија 30. април 2019. / 17:26

Арсовски: Во Зајас во два часа се гласало на секои 24 секунди

Арсовски: Во Зајас во два часа се гласало на секои 24 секунди

Стево Пендаровски и Зоран Заев ја изгубија поддршката кај граѓаните, затоа прибегнаа и посегнаа кон полнење кутии кое што е против законско дејствие казниво согласно Кривичниот законик на Република Македонија,  изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Според извештајот на ДИК во гласачкото место 0816 во населеното место Зајас, во општина Кичево во периодот од 15 до 17 часот гласале вкупно 297 лица, односно три пати повеќе од бројот на лица кои гласале до 15 часот, додаде Арсовски.

Ова значи дека за два часа успеале да гласаат 297 избирачи или во просек на секои 24 секунди гласал по еден гласач што физички е невозможно имајќи ја предвид процедурата за гласање на секои избори, вели Арсовски.

Освен тоа, на ова избирачко место се потпишале 412 лица, односно 4 помалку отколку што имало ливчиња во гласачката кутија.

Кривичното дело е сторено со тоа што е дозволено од страна на избирачкиот одбор непознати лица да гласаат за други лица без да бидат проверени притоа со УВ ламба што е стандардна процедура, пронајдени во избирачки список и без да се потпишат во Избирачкиот список што исто така е стандардна процедура при секое гласање. Избирачкиот одбор е директно виновен за стореното кривично дело и за овозможување на истото кривично дело.

Отворено се сомневаме дека членовите на избирачкиот одбор не го сториле кривичното дело самоиницијативно, туку по нечија наредба и очекуваме јавниот обвинител да се охрабри, да открие, да излезе и да каже пред граѓаните, пред јавноста кој им наредил на избирачкиот одбор да го сторат кривичното дело и нормално да преземе мерки против нарачателот на изборниот криминал кој што се случи во првиот круг од претседателските избори, рече Арсовски.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство во Кичево против сите членови на избирачкиот одбор, 10 лица.

Очекуваме Јавното обвинителство веднаш да постапи по однос на кривичната пријава, земајќи го предвид фактот дека вториот круг на гласање е во недела, а во насока на превенирање на повторно полнење на кутии во овие избирачки места или други избирачки места.

Случајот во Зајас е најдобар показател за сомневањата за полнење кутии за време на референдумот, кога исто така поднесовме кривична пријава, но од тогаш навака помина половина година и уште нема никаква постапка против оние кои повикуваа на поткуп и кој го осмислија и реализираа сценариото „брзи прсти“. После случајот во Зајас очекуваме да бидат процесуирани нарачателите и извршителите на гласањата за референдумот кога на повеќе избирачки места беа рушени рекорди и се гласаше на секои 4,5 или 10 секунди, изјави Арсовски.