Македонија 18. април 2019. / 17:19

Арсовски: Напад и тортура врз новинари мора веднаш да се казни

Арсовски: Напад и тортура врз новинари мора веднаш да се казни

Вчера бевме сведоци на немил настан на само неколку километри од Скопје, во село Арачиново, каде што новинарска екипа на телевизијата „ТВ 21“ беше нападната и киднапирана од лица блиски до Општината и до Зоран Заев, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДМПНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција.

Тој порача дека неговата партија најостро го осудува чинот на киднапирање, закани за животот и психичко насилство врз новинарите и новинарските екипи.

-Овој случај на напад и тортура врз новинари мора веднаш да се казни и да биде пример во иднина. Веќе медиумите објавија дека се работи за еден од напаѓачите кој е близок до Зоран Заев и СДСМ и е близок роднина на градоначалничката на Арачиново. Па, така, прашуваме, зошто ако веќе на медиумите им е познато лицето што ја нападнало новинарската екипа на ‘ТВ 21’, веднаш не е повикан за да биде сослушан за настанот“, запраша партискиот портпарол додавајќи дека инцидентот се случил со цел да се спречи прилогот што го правела телевизијата за неработењето и нефункционирањето на Владата-

Арсовски истакна дека ова не е прв случај членови на СДСМ да нападнат новинарски екипи и побара МВР веднаш да спроведе истрага за тоа кој го нарачал и кој го извршил нападот врз новинарската екипа на „ТВ 21“.