Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на денешната прес-конференција истакна дека истрагата за случајот „Рекет“ е девалвирана и компромитирана.
Арсовски посочи дека Обвинителството не ја води постапката според процедурите, туку свесно ја развлекува и ја турка под тепих.
– Сведоци сме изминатиов период на низа неправилности во целата истрага додека ја води обвинителството. Сведоци сме како низ медиумите излегуваат мал милион докази, документи и записи од истрагата, а обвинителството цело време молчи и се однесува збунето како да не е од оваа планета.
Сведоци сме од објави на интернет просторот дека од УБК се изнесувале доверливи информации и веднаш потоа со истите тие информации рекетарите уценувале бизнисмени и недолжни граѓани.
Затоа прашуваме, кои се бизнисмени биле предмет на уцена и им било изнудено пари? – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовски праша и дали е вистина дека со такви материјали кои биле изнесени од УБК бил уценуван многу познат бизнисмен кој го знае јавноста. Тој праша и чиј роднина има на некој начин исплатено огромна сума на пари за да се прикријат истите незаконски дејствија за кои што се споменува дека биле вмешани и малолетни лица?
– Кои функционери од МВР му ги доставиле истите документи за уцена на Боки 13 и дали се повикани веќе на распит?
Очигледно е дека истрагата на обвинителството за случајот „Рекет“ доцни повеќе од 4 месеци, а тоа се со една цел, да се прикријат нарачателите и доказите за целиот случај. – рече Арсовски и додаде дека одговорност мора да има и ќе има.
Тој побара и предвремени парламентарни избори бидејќи и потребна е обнова на Македонија која набргу ќе дојде по падот на СДСМ.