Македонија 15. октомври 2019. / 20:30

Анкета: Македонските граѓани сметаат дека Бугарија е наш најголем непријател

Анкета: Македонските граѓани сметаат дека Бугарија е наш најголем непријател

Најголем дел од македонските граѓани сметаат дека најголем надворешен непријател на Македонија е Бугарија, покажуваат резултатите од анкетата објавена од Центарот за европски стратегии Евротинк, спроведена за прашања поврзани со евроинтеграциите.

Анализата на Евротинк покажува дека за разлика од лани, негативното мислење за Бугарија се зголемило за 20 проценти, односно од 0,5 отсто во 2018 година, сега изнесува 23,1 проценти, со што, според претставници на Евротинк, таа ја заменува традиционалната позиција на Грција.

– Анкетата се совпадна со бугарските позиции што излегоа пред неколку дена и со реактуализирањето на односите во Бугарија во нашата јавност. Така што во податоците голем дел од граѓаните почнуваат Бугарија да ја сметаат како државата што е непријателска кон нашата држава, со што „традиционалниот непријател“ Грција го заменуваме со Бугарија – анализира директорот на Евротинк Љупчо Петковски.

На прашањето која би била непријателска држава кон земјава, 24,7 одговориле Грција, 23,1 Бугарија, 17,4 Албанија, Косово 4,4, САД 3,5, Русија 3,5, Србија 2,5 и ЕУ 1,3 проценти.

На прашањето „кој е најголем пријател на земјава“, САД имаат најголема поддршка со 10,4 отсто, по што следуваат Германија со 10,1, Србија со 8,5, Турција со 7,7 проценти, ЕУ 4,7, Бугарија 3,4, Албанија 3,2, Грција 2,5, Русија 2,2, НАТО 1,7 проценти.