Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, ги оцени контраверзните тези на Зоран Заев во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС како обид на премиерот да му помогне на својот бугарски колега Бојко Борисов да победи на претстојните избори.
-Нашиот премиер Зоран Заев често даваше различни изјави во краток период.
Преовладуваа коректни ставови. Мој впечаток е дека ова што го рече Заев е негов обид да му помогне на бугарскиот премиер Бојко Борисов да победи на изборите што ќе се оддржат на 28 март. Меѓутоа, веќе се покажа дека не се исплати ‘да се заколе вол за кило месо’ и во македонската јавност Заев со таа изјава навлече многу отпор и неприфаќање. Постои впечаток дека дури и во македонската влада има членови, влијателни во државата, кои не се согласуваат со таквите ставови, а во Парламентот е невозможно да се донесе таков став бидејќи постои опасност јавноста во таков случај да ги растури и Парламентот и Владата, а оние партии кои би се обиделе да го спроведат тоа дефинитивно би пропаднале на изборите. Доминира реален став во јавноста за окупацијата на Македонија од фашистичката бугарска армија и државна администрација и за востанието на македонскиот народ против бугарскиот окупатор заедно со југословенските народи во борбата против хитлеровската доминација, а слуга на Хитлер беше и бугарскиот фашистички окупатор во Македонија. Премногу крв е пролеана во тој период и премногу злосторства се извршени. Македонскиот народ не може туку-така да ги проголта тие лаги, изјави Андов во интервју за српскиот весник „Данас“.