Македонија 31. јануари 2021. / 17:43

Андоновски: Видовме како Дончев полни торби со пари, а не видовме некој да одговара

Андоновски: Видовме како Дончев полни торби со пари, а не видовме некој да одговара

СДСМ и Зоран Заев се најголемите производители на корупција во Македонија. Со четиригодишното владеење на СДСМ, Македонија има историски најлош пад на 111 место на меѓународниот ранкинг на Транспаренси интернешнл, истакна членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски.

– Од држава со резултати на Дуинг бизнис, 50 места погоре во борбата против корупцијата и една од најдобрите бизнис дестинации, станавме држава еднаква со државите кои се уште се во граѓански војни, вооружени судири, убиства и атентати на лидери, диктатури. И сто прес конференции да организираат, и уште десет скапи ПР агенции да ангажираат со наши народни пари, нема да можат да го покријат меѓународниот срам кој и го донесоа на Македонија, вели Андоновски.

Тој вели дека корупција е кога директор на Државниот фонд за здравствено осигурување во случајот „Дијамед“ вели дека со Швеѓаните имаат „игра”, и споменува дека една од опциите е „Швеѓаните да платат нешто”. Корупција е кога истиот тој директор товари купчиња кеш пари во торби. Непријавени, неоданочени, криминогени пари. И за тоа никој не одговара. На директорот влакно не му фали од главата. Според него тоа е корупција.

– Корупција е кога омилениот медиумски лик на власта, на сред судница вели дека „парите треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви“. Корупција е кога премиерот знае пред правосудството за мрежи од кривични дела и дозволува истите да продолжат. А после се, омилената обвинителка на власта не вештачи телефони и други уреди за да стигне до врвот на пирамидата – до главата на корумпираниот октопод, додаде членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски.

Нема правда во случајот Рекет, ниту поткуп за Ден Дончев, ниту пак за Дијамед. Андоновски смета дека затоа сме најкорумпирани во Европа.

– Ова се причините за коруптивната кал во која не доведе Зоран Заев. Затоа, Македонија наместо да е во друштво со сите европски држави каде што се стремиме, е во друштво со диктатури и нефункционални држави – кршливи демократии и авторитарни режими. Затоа, одговорност за Николовски и Маричиќ. И одговорност за владата на Зоран Заев. Кога ќе си замине оваа влада, ќе дојде одговорност за мочуриштето во кое не донесоа, рече Андоновски.