Македонија 04. октомври 2019. / 20:42

Американскиот државен секретар Помпео ја заврши официјалната посета на Македонија

Американскиот државен секретар Помпео ја заврши официјалната посета на Македонија

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео ја заврши официјалната посета на нашата земја. Тој беше испратен од Министерот за надворешни работи Никола Димитров и заменик претседателот на Владата, Бијар Османи, на аеродромот во Охрид.

Во попладневните часови Помпео и неговата придружба ја посетија црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, која што беше реновирана и заштитена со средства обезбедени преку амбасадорскиот фонд и од програмите на УСАИД во нашата земја.

Во изјавите за медиумите Заев и Помпео се согласија дека Северна Македонија и САД делат заеднички заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет и имаат иста цел во борбата против тероризмот и другите закани за мирот.

Премиерот Заев и државниот секретар Помпео имаа тат-а-тет состанок, а потоа се одржа и билатерална средба на која од страна на Владата на Република Северна Македонија присуствуваа претседателот на Владата Зоран Заев, заменик претседателката во Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

На средбата се разговараше за соработката меѓу двете земји, за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ и НАТО, како и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот. Помпео се сретна и со претседателот на државата, Стево Пендаровски.