Франција ќе ја донесе својата одлука за преговори со ЕУ врз основа на мислењето на Европската комисија,најави француската државна секретарка за европски прашања Амели де Моншалан, во одговор на пратеничко прашање, но не прецизираше каква ќе биде таа одлука.
Како што јавува МИА од Париз, францускиот пратеник од редовите на мнозинската Република во движење, Ксавиер Палузукиевич, прашал зошто на 17 и 18 октомври лани на Европскиот совет беше отфрлен предлогот за почеток на преговори од 28-те земји-членки на Унијата, и според тоа се чини дека Франција особено се спротивстави на пристапувањето на Северна Македонија во спротивност со сите свои партнери.
Тој сакал да знае зошто оваа земја конкретно, според француската држава, не ги исполни условите за влез во Унијата и посебно се интересирал за состојбата во Македонија и за нејзината усогласеност со таканаречените критериуми од Копенхаген, во споредба со другите држави кои што се во фаза на преговори за пристапување, како Србија или Црна Гора.
Амели де Моншалан нагласува дека тогаш земјите-членки не најдоа едногласен договор за започнување преговори со Северна Македонија и Албанија, поради неколку различни позиции, особено во врска со нецелосноста на сегашниот процес за пристапување, за напредокот што треба да го постигнат овие земји во бараните реформи, за можните дополнителни услови или модалитети за отворање на преговори, па дури и за можноста за започнување преговори само со едната или двете земји.
Во овие дискусии, Франција, истовремено потврдувајќи ја европската перспектива на Западен Балкан, повика на темелна реформа на процесот на пристапување во Унијата со цел да се направи поверодостоен и ефективен“, одговара Моншалан.
Според неа, оваа реформа е барана долго време од Франција, како и од неколку земји-членки. Покрај тоа, Франција и неколку други членки сметаа дека двете засегнати земји не ги исполнуваат во целост критериумите утврдени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година во однос на реформите, особено во областа на владеењето на правото и правда.
Новата Европска комисија на 5 февруари 2020 година формулираше предлози за голема реформа на пристапниот процес, што ги опфаќаат предлозите што ги предложи Франција во есента 2019 година. Оваа реформа оди во насока на промена на парадигмата посакувана од Франција. Конкретно, се воспоставува пообјективни и проверливи критериуми, засилени услови во смисла на владеење на правото, но, исто така и економска и социјална конвергенција, еден систем за стимулирање кој овозможува конкретни придобивки во случај на напредок во реформите и, обратно, мерки на реверзибилност во случај на неуспеси, објаснува таа.
Сега, според Де Моншалан, ќе има дискусија во Советот на Европската унија пред самитот во Загреб во мај 2020 година.
Франција ќе биде претпазлива во врска со спроведувањето на овие предлози и одржувањето на нивото на амбицијата на оваа реформа пред да се започне со преговори. Покрај тоа, врз основа на проценката на Европската комисија за спроведените реформи во Северна Македонија и Албанија за исполнувањето на критериумите утврдени од Советот, Франција ќе донесе одлука, вели таа.
Што се однесува конкретно до Македонија, Анмели де Моншалан во одговорот до францускиот пратеник, очигледно изработен пред објавувањето на мислењето на Европската Комисија нагласува дека Франција ја признава вредноста на историскиот договор од Преспа со кој се реши голем билатерален спор меѓу Грција и Северна Македонија и дека тој претставува голем чекор напред за стабилност во регионот, а добрососедските односи се суштински елемент во процесот на проширување на Унијата, исто како и другите критериуми.